Корпоративно управување

 

ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДРУШТВОТО
Организациските делови на Друштвото се: Дирекцијата и седум подружници кои немаат својство на правно лице. Дирекцијата е со седиште во Скопје, а подружниците се: РЕК „Битола“ – Новаци со седиште во Новаци, РЕК „Осломеј“ – Осломеј со седиште во Осломеј, ХЕС „Маврово“ – Гостивар со седиште во Гостивар, ХЕС „Црн Дрим“ – Струга со седиште во Струга, ХЕС „Треска“ – Скопје со седиште во Скопје, ХЕЦ „Тиквеш“ – Кавадарци со седиште во Кавадарци и „Енергетика“ – Скопје со седиште во Скопје. Со секоја Подружница раководи директор односно директори, кои ги назначува Управниот одбор, а чии надлежности се утврдени во Статутот и Правилникот за внатрешна организација на Друштвото. Со Правилникот за внатрешна организација поконкретно е уредена внатрешната организација на Друштвото по сектори, служби, одделенија со работни места и опис на работните задачи за секое работно место.

ОСНОВНА ГЛАВНИНА
Основната главнина на Друштвото изнесува 31.738.878.000 денари или 517.818.006 еур според среден курс на Народна банка на Република Северна Македонија. Основната главнина на Друштвото е поделена на 31.738.878 обични акции со номинална вредност од 1.000 денари.

ВРАБОТЕНИ И КВАЛИФИКАЦИСКА СТРУКТУРА НА ВРАБОТЕНИТЕ
Во АД ЕСМ – Скопје, заклучно 2020 година, има 4.699 вработени на неопределено време и 367 работници преку Агенцијата за привремени вработувања. Бројот на работниците е распределен во Дирекцијата и во подружниците: подружница ХЕС Маврово Гостивар – 333 вработени, подружница ХЕС Црн Дрим Струга – 228 вработени, подружница ХЕЦ Тиквеш Кавадарци – 99 вработени, подружница ХЕС Треска Скопје – 109 вработени, подружница РЕК Битола Новаци – 2.550 вработени, подружница РЕК Осломеј Осломеј – 965 вработени, подружница Енергетика Скопје – 164 вработени и Дирекција,Скопје – 251 вработени.Според степенот на стручна подготовка најголем број вработени или 46% се со IV степен средно училиште; 20% од вработените се со III степен средно училиште во занимање; 14% се со VII/1 степен или високо образование; 9% се ПК работници со II степен; 5% се со I степен неквалификувани вработени; 3% се со VI степен вишо образование; 2% се со V степен високо квалификувани работници; 2% се со VII/2 степен магистри и речиси 0,2% од вработените во друштвото се со VIII степен доктори на науки.

Според возраста најголемиот процент на вработени односно  35% се на возраст од  46-55 години; 28% се на возраст од 56-64  години; 23% се на возраст од 36-45 години; 11% се на возраст од 26-35 години; 2% се на возраст над 64 години и 1,1% од вработените се на возраст до 25 години. 

Според половата структура во АД ЕЛЕКТРАНИ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, во државна сопственост, Скопје најголемиот број или 4.052 вработени односно 86, 23% се мажи и 647 или 13,76% се жени.