Електрификацијата на другите градови во Македонија се одвивала самостојно и одделно. После Скопје електрифицирана е Битола во 1924 година, а до 1930 година електрифицирани се Тетово, Велес, Куманово, Штип, Крива Паланка, Гевгелија, Виница и Кочани. Од 1931 до 1935 година електрифицирани се: Прилеп, Кичево и Демир Капија, а од 1936 до 1940 година електрифицирани се: Гостивар, Охрид, Струмица и Пробиштип.
Во тоа време електричната енергија се произведувала во мали хидроелектрични централи, но иако во помал обем имало и централи на дизел и јаглен.
Најзначајни производствени објекти кои биле изградени пред Втората светска војна се: ХЕЦ „Пена“ со моќност од 1.760 КW изградена во 1927 година, Дизел електраната во Скопје изградена во 1933 година со моќност од 1.000 KW и ХЕЦ „Матка“ со моќност од 4.160 KW изградена во 1938 година. |