Средба Бочварски-Ковачевски, забрзана динамика за реализација на проектите на АД ЕСМ

Работна средба посветена на забрзување на динамиката на инвестициските проекти на АД ЕСМ се одржа денеска меѓу министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.На состанокот во Министерството за транспорт беа разгледани статусите на реализација на повеќе проекти за кои е потребна документациска и урбанистичка поддршка од Министерството, а кои пред се’ се однесуваат на инвестиции во обновливи извори.

На средбата стана збор за проектите за фотонапонските електрани во Осломеј, проширувањето на ветерниот парк Богданци, Топлификација на Битола, Новаци и Могила, проектот Чебрен, како и околу наследените правни проблеми со новата деловна зграда на АД ЕСМ и неможноста поради истите објектот да се стави во употреба. Утврдена е и насока за  поинтензивна комуникација меѓу двете институции со цел предвидување на потребните активности во надлежните акти на Министерството заради навремена подготовка на теренот за идните планирани инвестиции.