Премиерот Заев: Со потпишаните договори за инвестиции во Александруполи ја осигуруваме енергетската иднина

Премиерот Заев: Со потпишаните договори за инвестиции во Александруполи ја осигуруваме енергетската иднина

„Официјално ја зацврстуваме соработката на полето на енергетиката со компании од соседна Република Грција. За таа цел  се потпишани Меморандуми за соработка за реализација на проектите: Терминал на течен природен гас Александруполи, обезбедување на капацитет за природен гас и Гасната централа Александруполи“, истакна премиерот Зоран Заев на денешното потпишување на трите меморандуми за соработка помеѓу Националните енергетски ресурси „НЕР АД“ Скопје и „Елени Асмина Копелозу“, Електрани на Северна Македонија „АД ЕСМ“ и „Гастрејд“ како и помеѓу „АД ЕСМ“ и „ДАМКО ЕНЕРЏИ“.
 
Премиерот Заев рече дека Република Северна Македонија ќе биде дел од проектот за изградба на терминал за течен природен гас на 17 километри од Александруполи за складирање и гасификација на течниот природен гас, со капацитет од  над 5,5 милијарди кубни метри.

„Учествуваме со 25 отсто во гасната централа на природен гас во „Александруполи“ која е 800 мегавати. Проценетата инвестиција во оваа електрана е повеќе од 380 милиони евра.  Во инвестицијата во гасниот терминал предвидено е да имаме 10 проценти учество со вредност од 370 милиони евра, поддржан од ЕУ.   Планот е до 2023 година да биде пуштен гасниот терминал и гасната станица. Нашето вклучување во изградба на терминалот за течен природен гас во близина на Александруполи во Грција, ќе создаде можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за земјата, од каде потоа гасот ќе се дистрибуира и пошироко во регионот.

 Целта на Владата e имплементирање на зеленото сценарио како најприфатливото за развојот на земјата, кое треба да обезбеди економски и еколошки  придобивки. Обезбедувањето на природен гас како енергенс за компаниите и домаќинствата ќе доведе до нивни намалени трошоци, но и намалување на загадувањето и заштита на животната средина, односно подобри услови за живот на граѓаните во Северна Македонија“, изјави Заев.
 
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, истакна дека со договорите се утврдат условите согласно кои „НЕР АД“ ќе стане акционер во гасниот терминал, а „АД ЕСМ“  ќе учествува во постапката за закупување на капацитетите во Терминалот за течен гас во Александруполи, за период од 15 години, проект вреден над 380 милиони евра.

„Оваа инвестиција обезбедува резервирање на капацитети за сигурно и стабилно снабдување на земјата со гас, без ризици, во следните 15 години. Со ова значително ќе се зголеми искористувањето и снабдувањето со природниот гас во државата и во регионот. Имајќи предвид дека нашите планови вклучуваат и нови гасоводни врски со Косово, Албанија и Србија, очекуваме и во овој дел значително да се подобри и унапреди соработката на регионално ниво. Со поврзувањето со земјите од Западен Балкан, Северна Македонија ќе стане транзитна рута на природен гас, a целта е Северна Македонија да стане дел од енергетскиот хаб на Балканот. Ова е прв ваков проект во Југоисточна Европа на кои соработуваат повеќе држави. Со овој проект наместо во нашата држава да биде присутен само еден извор на гас, сега е отворена можноста да влезе и снабдување од повеќе различни извори, како гасот од Соединетите Американски Држави, Блискиот Исток и други, или ова значи сигурно и безбедно снабдување со природен гас од различни добавувачи, диверзификација на изворите што нашата држава ќе ја направи енергетски независна“, рече Битиќи.

Министерот за Економија Крешник Бектеши истакна дека Северна Македонија има амбициозен план за гасификација на целата земја.
 
„За Владата изградбата на национален гасоводен систем, неговото поврзување со регионалните системи за гасовод, како и изградбата на системи за дистрибуција на природен гас е еден од приоритетите во делот на изградба на енергетска инфраструктура.  Природниот гас е исклучително корисно гориво бидејќи неговата употреба има широк опсег, во домаќинствата, индустријата и сообраќајот, вклучително и производство на електрична енергија и топлина. Гасификацијата е клучна за економијата и носи придобивки и за граѓаните и за компаниите, за животната средина и за општеството во целост“, изјави Бектеши.
 
Меморандумите за соработка ги потпишуваа Бајрам Реџепи, извршен директор на Национални енергетски ресурси -„НЕР АД“ Скопје, Васко Ковачевски, претседател на УО и генерален директор на А.Д. Електрани на Северна Македонија – „А.Д ЕСМ“ како и Христос Копелузос, извршен директор на „Копелузос Груп“  и Костис Сифнеос , заменик-претседател на „Гастраејд“.
Од страна на раководството на компаниите од Грција беше истакнато  задоволство за почетокот на соработката и важноста за стратешко и комерцијално значење не само за компаниите, туку и за двете земји. На настанот беше присутен и Русос Кундурос, амбасадор на Грција, како и претставници на амбасадата на САД во земјава.