ДОДЕЛЕНИ 10 ДОГОВОРИ ЗА СТИПЕНДИИ

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски и директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски доделија 10 договори за стипендии на студенти од Техничкиот факултет – Битола. Четворица студенти кои го завршиле првиот семестар на студии со потребниот просек за првпат станаа наши стипендисти, а со други шест студенти ги продолживме договорите откако ги оствариле потребните резултати.

„Денеска на Техничкиот факултет во Битола потпишавме договори за стипендирање со десет студенти. Четири студенти кои го завршиле првиот семестар на студии со потребниот просек за првпат стануваат наши стипендисти, а со останатите шест студенти ги продолжуваме договорите откако ги оствариле потребните резултати. Среќен сум што како државна компанија ја покажуваме уште еднаш општествената одговорност и инвестираме не само во нашето производство и капацитетите, туку и во образованието, во здравството, културата, спортот. Посебно со овој пример, инвестираме во младите, тие да останат тука, во државата, да ја градат својата иднина овде, посебно во нашата компанија и тоа ќе значи додадена вредности за нас и за државата“ – рече генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски

„Вратите на РЕК Битола се секогаш широко отворени за бројните волонтери, практиканти и студенти. И токму од овие кадри во иднина очекуваме несебично да се вложат и да го подобрат производствениот процес во РЕК Битола, посебно имајќи во предвид дека во иднина не очекува и промена на технологијата на производство на електрична енергија. Од тој аспект, нам насушно ни е потребен квалитетен кадар. РЕК Битола беше, е и ќе остане столб на битолската економија и стопанство, но пред се, ќе остане основа и столб на електроенергетскиот систем на Република Северна Македонија“ – рече директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски.
АД ЕСМ годинава додели стипендии на 44 студенти од 6 факултети !