АД ЕСМ подружница „Енергетика“ почна со парно греење во Железара, Автокоманда, Триангла, Маџари и Хиподром

АД ЕСМ, подружница ,,Енергетика” почна со испорака на топлинска енергија, пред официјалниот почеток на грејната сезона.

Парно греење од ,,Енергетика” денеска добија 3.546 домаќинства, 17 основни и средни училишта и детски градинки  и 75 деловни субјекти во скопските населби Железара, Автокоманда, Триангла, Маџари и Хиподром.

Согласно Правилникот за снабдување со топлинска енергија, испораката може да почне и пред 15 октомври, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 степени, според официјалните податоци од Управата за хидрометеоролошки работи.

Стручните екипи на АД ЕСМ-,,Енергетика” во изминатиов период вршеа ладни проби на системот, со цел да се обезбеди сигурно и квалитетно снабдување со топлинска енергија за корисниците.

Инаку, ,,Енергетика” бележи зголемен интерес за приклучување на системот на парно греење, како од индивидуални куќи, така и од новоизградени станбени згради во овие населби.

Во управната зграда на ,,Енергетика” во нас. Железара достапна е канцеларија за сите информации потребни на граѓаните, како и телефонските броеви 3104 816 и 3104 872.