АД ЕСМ со донација за фотоволтаична електрана и стипендии на Техничкиот факултет во Битола

АД ЕСМ со донација за фотоволтаична електрана и стипендии на Техничкиот факултет во Битола

АД ЕСМ на Техничкиот факултет во Битола му донира 10.000 евра за набавка на фотоволтаична електрана којашто ќе произведува електрична енергија за потребите на објектот на факултетот, а исто така ќе се користи и како лабораториска опрема за студентите кои студираат на електротехничкиот и машинскиот отсек. Од оваа година факултетот ќе почне и со обуки за оператори на фотоволтаични електрани со што повеќе ќе се придонесува во производството на еко-енергија.

Генералниот директор на АД ЕСМ, м-р Васко Ковачевски изјави дека донацијата е продолжување на поддршката на оваа значајна високообразовна институција од страна на АД ЕСМ, во која спаѓа и континуираното стипендирање на студенти од факултетот.

,, Денеска доделуваме пет нови стипендии на исто толку студенти кои минатата година се запишале за првпат на Техничкиот факултет во Битола и по првиот семестар ги оствариле резултатите предвидени во јавниот оглас на компанијата. Секој од студентите ќе добие по 60.000 денари од Државните електрани. Освен тоа, ќе ги продолжиме договорите со осуммина стипендисти на ЕСМ, со што вкупниот број на студенти корисници на стипендии од ЕСМ на Техничкиот факултет во Битола ќе се искачи на 13. Тоа е се скоро 800.000 денари само за студенти на овој факултет. Вкупниот број на стипендии што годинава ги доделува ЕСМ, на сите факултети во земјава е 66, односно околу 4 милиони денари директна поддршка за академските граѓани, што наскоро, се надевам, ќе бидат дел од компанијата. Сметам дека ова е еден силен аргумент кој говори дека АД ЕСМ e општествено одговорна компанија која води грижа во рамките на своите можности и надлежности за развој на економските и општествените дејности, како неопходен предуслов за раст и развој на државата”-изјави директорот Ковачевски на церемонијата на доделување на стипендиите, на која присуствуваше и директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски.