ХЕ Тиквеш

ХЕ Тиквеш е лоцирана на Црна Река, околу 27 км возводно од нејзиното вливање во река Вардар во близина на Кавадарци. Овој хидросистем е со двојна намена, се користи за производство на електрична енергија и за наводнување на Тиквешко Поле, еден од најтоплите и најсушните региони во Северна Македонија.

Историјат
1953 – 1962
Во овој период се работени подготвителните и истражните проекти.

1962 – 1968
Започнува првата фаза на изградбата, за во март 1968 година да биде затворена акумулацијата и бидат пуштени во работа првите два агрегатa.

1970
Акумулацијата започнува да се користи за наводнување

1979 – 1981
Започнува втората фаза од проширувањето на ХЕ Тиквеш, кога се пуштени во работа другите два агрегата. Вкупните средни годишни дотекувања изнесуваат 790.000.000 м3 вода, додека просечниот проток е 37,40 м3/s. Површината на сливот изнесува вкупно 5361 км2.

1998
Во мај 1998 година е склучен Договор за заем со Меѓународната банка за обнова и развој (IBRD) –  Светската банка (СБ). Средствата од овој заем во износ од 61,5 милиони германски марки беа наменски доделени на ЈП ЕСМ за реализација на проектот под наслов Проект за подобрување на електроенергетскиот систем во Република Македонија.

2001-2005
Успешно е реализирана ревитализација на шесте големи хидроелектрани во Република Македонија, еден извонредно значаен и комплексен проект. Генерално, четирите основни придобивки од ревитализацијата на постојните хидроелектрани во Р. Македонија се:

  • Зголемување на вкупната инсталирана моќност во хидропроизводството со што се постигнува подобрување на примарната и секундарната регулација во системот.
  • Зголемување на хидропроизводството на електрична енергија.
  • Намалување на оперативните трошоци на работењето на хидроелектраните.
  • Намалување на можноста за испади на хидроагрегатите, електраните и воопшто намалувањето на непланираните испади во ЕЕС.

2014
Со завршувањето на еден од најсложените енергетски зафати – реализацијата на втората фаза од ревитализацијата на хидроелектраните во сопственост на АД ЕЛЕМ, заврши и монтирањето на новата опрема за мониторинг на браните „Маврово“, „Глобочица“, „Шпилје“, „Тиквеш“, „Козјак“ и „Света Петка“. Во рамките на проектот инсталирана е дополнителна опрема особено во делот на автоматизација на процесот на производство на електрична енергија, како и инсталација на дополнителна опрема за оскултација и набљудување на состојбата, стабилноста и сигурноста на браните и нејзините придружни објекти.

Доводен систем
Доводниот тунел со кружен пресек е со должина 405,8 м, а дијаметарот е 4,70 м. Прагот на влезниот објект е поставен на кота 215,00 м.н.в.

Брана и акумулација
ХЕ Тиквеш има камено-насипна брана со висина од 113,5 м, при што се формира акумулација со вкупен волумен од 479.000.000 м3 вода, од кои корисниот волумен изнесува 309.000.000 м3 вода. Нормалното проектирано работно ниво на акумулацијата е 265,00 м.н.в. а минималното е 233,00 м.н.в.

Хидроелектрана
Хидроелектраната Тиквеш е проектирана и изведена со инсталирана моќност од 113 MW и годишно производство од 144 GWh. Машинската зграда се наоѓа во подножјето на браната. Во зградата се сместени 4 агрегати опремени со Францис турбини со вертикална оска, како и со трофазни синхрони генератори. Трансформаторите се сместени надвор од машинската зграда. Локацијата на разводната постројка 110 kV е надворешна.

Основните карактеристики на ХЕ Тиквеш се:
Тип на електрана прибранска-акумулациона
Локација Кавадарци
Слив Црна Река
Број на агрегати 4
Инсталирана моќност 113 MW
Просечно годишно производство 144 GWh
Пуштање во работа 1966/1981
Нето висински пад 91,30 м
Инсталиран проток 144 (4X36) m3/s
 Тип на турбина Францис