Општествена одговорност

Покровители на Мавровскиот меморијал

Електрани на Македонија во февруари 2017 година беа генерален покровител на најстариот скијачки куп на Балканот, Мавровскиот меморијал, кој се вборјува и во еден од најстарите нордиски купови во Европа и светот. Мавровскиот меморијал се одржува во чест на 38 градители на мавровските електрани и 14 граничари загинати во големата природна катастрофа во 1956 година кога од планината Кораб се струполија снежни лавини врз бараките на градителите на Мавровскиот хидроенергетски систем. Во 1957 година група ентузијасти го организираа првиот куп, кој едноставно беше наречен Мавровски меморијал, за денеска да прерасне во еден од најзначајните континентални купови во нордиско скијање во Европа.

На овогодишниот, 54-от Мавровски меморијал по ред, учествуваа нордијци од Македонија, Србија, Грција, Словенија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Турција и Романија.

АД ЕСМ низ годините во континуитет ја поддржува оваа значајна спортска манифестација. Како општествено одговорна компанија, досега многупати сме препознавале  приоритети во давањето поддршка на многу проекти поврзани со развојот на нашата земја. Во своите корпоративни определби да ја помогнеме заедницата, и понатаму остануваме цврст партнер во поддршката на спортот.

Охридското Езеро порибено со млади јагули

Како дел од општествената одговорност и грижата за заштитата и одржувањето на животната средина АД ЕЛЕМ во 2016 година изврши порибување на Охридско Езеро со подмладок од јагули. Охридското Езеро е порибено со околу 2.800 килограми или околу 90.000 парчиња млада јагула. Порибувањето се изврши три пати, и тоа – во јули, во октомври и во ноември.

Порибувањето е извршено на седум локации, во Радожда, Калишта и Сатеска во Струга, во близина на градското крајбрежје, во охридскиот дел кај одморалиштето „Андон Дуков“ и во близина на „Свети Јован“ – Канео, места кои се најпогодни според експертите, за опстанок на младите јагули поради густата вегетација и храната што се наоѓа таму. Следното порибување се предвидува за две години, со што ќе се продолжи праксата од минатото, кога на две години езерото се порибувало со околу 100.000 парчиња подмладок од јагула.

Стипендирањето продолжува

АД ЕЛЕМ активно ги поддржува студентите преку стипендирање, а првите дипломци што ги стипендиравме на ФЕИТ, дипломираа оваа академска година. Тоа значи дека енергетичарите биле силно мотивирани да го задржат успехот низ студирањето и да се истакнат со своето знаење и интерес кон науката, а со тоа секако и да го задржат правото на стипендирање низ сите години. Позитивната општествено-одговорна практика дава одлични резултати и ги мотивира студентите да постигнуваат сè  подобри резултати во текот на своето образование.

Поведени од позитивното искуство во изминативе пет години АД ЕЛЕМ продолжува со стипендирањето и во 2016 година додели 17 нови стипендии, за петмина студенти од ФЕИТ, седуммина студенти на Машинскиот факултет во Скопје и за петмина студенти од Техничкиот факултет во Битола.

Стипендиите се доделуваат во  времетраење од 10. месеци, 6.000 денари месечно, со можност за продолжување или за прекин, во зависност од исполнувањето на обврските пропишани со договорот за стипендирање. Стипендирајќи студенти од техничките факултети АД ЕЛЕМ ги зема предвид моментните потреби на пазарот на трудот. Овие студенти припаѓаат на категоријата курентни кадри, што е широко прифатена, што е барана на пазарот на трудот. Тоа се изградени, образовани, подготвени и оспособени кадри од областа на енергетиката.

Во нашата компанија вратите се отворени и за студентите кои имаат желба практичната настава да ја поминат токму во производствените капацитети на АД ЕЛЕМ. На тој начин, сакаме да придонесеме и да го подигнеме квалитетот при стекнувањето со нови знаења.

СТИПЕНДИИ ЗА НАЈУСПЕШНИТЕ СТУДЕНТИ

Општествено одговорните практики продолжуваат да бидат составен дел од корпоративниот углед на Електрани на Македонија, особено оние што директно го поттикнуваат унапредувањето на образованието и науката.

Согласно потпишаните меморандуми за соработка со техничките факултети, АД ЕЛЕМ додели вкупно 15. стипендии на почетокот на академската 2014-2015 година и тоа: 5. за студентите на ФЕИТ, 5. за студентите на Машинскиот факултет во Скопје и 5. за студентите на Техничкиот факултет во Битола. Стипендии добиваат студенти со просек над осум и што исполнуваат определени критериуми пропишани на конкурсот. Стипендијата изнесува 6.000 денари и важи за една студиска година.

Оваа општествено одговорна практика дава сè подобри резултати од повеќе аспекти: се зголемува бројот на успешни студенти, се зајакнува нивото и квалитетот на студирање во полето на енергетските насоки, а компаниите ги добиваат најдобрите студенти односно висококвалификувани  инженери, профилирани според потребите на самите компании.