Рудник “Мариово”
Јужно од градот Прилеп на оддалеченост од околу 30 km, на регионалниот пат Прилеп – с. Витолиште, лоцирано е наоѓалиштето на јаглен (лигнит) Мариово. Наоѓалиштето се протега Запад-Југозапад во должина 7 km и ширина 2 km или вкупно околу 14 km2површина ограничена со селата: Манастир, Мелница, Витолиште, Полчиште и Бешиште.
Со последните детални геолошки истражувања и испитувања за време на 2009/2010 година, потврдени се геолошките резерви на јаглен од 96,7 милиони тони од категорија A+B+C1 (2010) со долна топлотна вредност од 7.654 KJ/kg.
За наоѓалиштето на јаглен „Мариово“ е изработен и ревидиран главен рударски проект за експлоатација на јагленот со примена на подземна технологија (Премоговник Велење, Словенија-2013 год.). Технологијата за експлоатација предвидува примена на подземно ископување, со имплементирање на модифицирана метода за откоп по моделот од рудник Велење, којашто спаѓа во групата на широкочелни методи за подземно ископување.
Во врска со можностите за искористување на јагленот од потенцијалниот рудник „Мариово“ во тек е постапката за изработка на физибилити студија за транспорт на јагленот од Мариово до ТЕЦ „Битола“. Оваа студија треба да го даде одговорот на прашањето за најисплатливиот начин и метод за пренесување и транспорт на јагленот и негова употреба како енергетска суровина во ТЕЦ „Битола“. Ова е сложен и комплексен проблем и бара мултидисциплинарен пристап.