Burimet e ripërtëritshme të energjisë
Обновлив извор на eнергија (ОИЕ) е секој извор на енергија кој се создава за покусо време отколку што се искористува. Со донесувањето на Законот за енергетика во 2005 година обновливите извори на енергија се третираат како посебна област од енергетиката со што јасно се покажува интересот на државата за нив како и потребата да се дефинираат насоки за понатамошниот развој.
Во моментов во нашата држава постои развојна политика за поддршка на следниве видови на ОИЕ:
- Сонце – фотонапонски централи;
- Ветер – ветерни паркови;
- Вода – мали и микро хидроелектрични централи;
- Биомаса – термоелектрична централа на биогас и
- Биомаса – термоелектрична централа на биомаса
Средните и големите хидроелектрични централи што се во наша сопственост не се дел од гореспоменатата развојна политика. Тие се суштински составен дел на електроенергетскиот систем на Република Северна Македонија.
ЕНЕРГИЈА ОД ВОДА
Хидропотенцијалот со кој располагаме се осум хидроелектрични централи, две проточни – Равен и Врбен и пет акумулациони – Вруток, Шпилје, Глобочица, Тиквеш, Козјак и Св. Петка. Организациски хидроелектраните се поделени во четири хидросистеми и тоа:
- Хидроенергетски систем Маврово (во чиј состав се ХЕ Врбен, ХЕ Равен и ХЕ Вруток);
- Хидроенергетски систем Црн Дрим (во чиј состав се ХЕ Глабочица и ХЕ Шпилје);
- Хидроенергетски систем Треска (во чиј состав се ХЕ Козјак и ХЕ Св.Петка) и
- Хидроелектрична централа Тиквеш
Вкупната инсталирана моќност на хидрокапацитетите изнесува 566 MW. Од вкупното производство на електрична енергија во компанијата, со хидропроизводството се обезбедува 26% електрична енергија, што на ниво на Македонија изнесува 16% од севкупната потрошена електрична енергија согласно податоците од Регулаторна комисија за енергетика. Основна намена на хидропотенцијалот е задоволување на дневните варијации на потрошувачката на електрична енергија, со што се постигнува поголема флексибилност и распoложивост на електроенергетскиот систем.
Во моментов развиваме повеќе проекти со цел искористување на водниот потенцијал за производство на електрична енергија:
- Бошков Мост;
- Луково Поле со довод на Корабски води и изградба на МХЕ Црн Камен и
- Вардарска долина
ЕНЕРГИЈА ОД ВЕТЕР
Користењето на енергијата на ветeрот за производство на електрична енергија почнала да се развива во триесеттите години на XX век и тогаш започнува изградбата на првите ветерници – објекти за електромеханичка конверзија на енергијата на ветeрот. Денес производството на електрична енергија од ветер претставува гранка од енергетиката која успешно се развива, како во поглед на развојот на технологијата, така и во поглед на зголемениот број инсталирани ветерни паркови во светски рамки.
Следејќи ги светските трендови на развој и имплементација на производствените капацитети кои го користат ветерот како ресурс, АД ЕСМ донесе одлуката за вклучување на енергијата на ветрот како дел од портфолиото на компанијата во јуни 2004 година. За инсталирање на производствениот капацитет кој ќе користи ветер спроведовме низа активности кои резултираа со пуштање во работа на првиот ветерен парк во Република Македонија, 16 ветерници со инсталиран капацитет од 36,8 MW. Пробното пуштање беше реализирано во периодот од април до август 2014 година, при што официјално Ветерниот парк “Богданци“ влезе во електоенергетската мрежа на Македонија во септември 2014 година.
Во моментов се прават подготовки за реализација на втората фаза од проектот, проширување на Ветерниот парк за дополнителни 6 ветерници и дополнителен 13,2 MW инсталиран капацитет.