Пуштен во употреба главниот транспортен систем за јаглен од површинскиот коп „Брод – Гнеотино“ до рудникот “Суводол”

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и генералниот директор на АД Електрани на Македонија д-р Влатко Чингоски денеска во РЕК Битола го пуштија во употреба главниот транспортен систем за јаглен кој се протега од површинскиот коп „Брод – Гнеотино“ до рудникот „Суводол“, проект на АД ЕЛЕМ, вреден 18,6 милиони евра.Транспортниот систем за јаглен е со должина од 10 километри и неговиот капацитет е 3.800 тони јаглен на час.

– Со изградбата на овој транспортен систем се комплетира една голема инвестиција, се заокружува производствениот процес во површинскиот коп „Брод – Гнеотино“, адекватно се поврзуваат двата руднички капацитети и може да се каже дека трасата која ги поврзува рудниците и термоелектраната „Битола“ е целосна и функционална. Со тоа се комплетира системот за искористување на енергетското богатство на јагленокопот „Брод – Гнеотино“ и рудникот „Суводол“ со што ќе се обезбеди стабилна иднина, развојни перспективи и непречена работа на термоелектраната „Битола“ во наредните 25 до 30 години, истакна премиерот Груевски.

На денешната свеченост во РЕК „Битола“ премиерот посочи дека Владата продолжува со инвестициите за нови капацитети, како и санација, реконструирање и проширување на веќе постоечките капацитети во електроенергетскиот сектор.Како што најави премиерот Груевски, наскоро ќе биде пуштена во употреба хидроелектраната „Св. Петка“, а во тек е ревитализација на шест хидроелектрани „Вруток“, „Равен“, „Врбен“, „Глобочица“, „Шпилје“ и „Тиквеш“. Во тек се подготвителни активности за реализација на проектот „Парк на ветерни електрани“-Богданци, проектот за изградба на ХЕЦ „Бошков мост“, како и подготвителни активности за реализација на проектот „Луково Поле“. Сите овие проекти јасно говорат за нашата посветеност да продолжиме со проекти за ревитализација, проширување и зајакнување на македонскиот енергетски систем.

-Со пуштањето во функција на главниот транспортен систем наменет за континуиран брз и ефикасен транспорт на јагленот од извозната рампа на усекот на новиот површински коп Брод Гнеотино, до истоварното место на јагленовиот систем во рудникот Суводол ќе се заокружи процесот на ископ, експлоатација и испорака на најмалку два милиони тони јаглен на годишно ниво од површинскиот коп Брод Гнеотино. Овие количини јаглен, заедно со количините од постојниот рудник Суводол и од подинската јагленова серија на рудникот Суводол се очекува да го исполнат потребниот минимум од 6 милиони тони јаглен годишно , потребни за непречено производство на електрична енергија од ТЕ Битола. Транспортниот систем е димензиониран во перспектива да го прифати и јагленот од рудникот Живојно – истакна генералниот директор на АД Електрани на Македонија д-р Влатко Чингоски во своето обраќање. 

Како што рече д-р Чингоски, реализацијата на овој значаен проект на АД ЕЛЕМ беше извршена со главните произведувачи на опремата и изведувачите на работите, германската компанија „Тисен Круп“ и нејзините подизведувачи ФАКОМ-Скопје, и главниот проектант на трасата и потребната инфраструктура ГЕИНГ-Скопје

.- АД Електрани на Македонија, последниве четири години решително е насочена кон обезбедување долгорочен и стабилен електроенергетски систем. Работиме на активирање нови лежишта на јаглен, во рудникот Суводол засилено се одвиваат активности за целосно отворање за екплоатација на Подинската јагленова серија, во тек е изработка на главен проект за отворање нов рудник за јаглен во Мариово, а до крајот на 2012 година очекуваме да завршат геолошките истражувања во потенцијалното јагленово наоѓалиште Живојно со изработка на елаборати за рудните резерви, рече Чингоски пред присутните гости и вработените во АД ЕЛЕМ. Тој најави почеток и на два, како што рече грандиозни проекти од исклучителна важност за иднината на „РЕК Битола“, односно модернизација и автоматизација на термоелектраната „Битола 3“ што ќе се реализира од идниот месец и модернизација на котлите во термоелектраните „Битола“-зафат кој ќе трае три години, а ќе го изведува германската компанија „Бабкок Борсиг“ со што АД ЕЛЕМ ќе ги исполни најстрогите европски директиви за заштита на животната средина.