ИНВЕСТИЦИСКИ ВЛОЖУВАЊА ВО 2016 ГОДИНА

ИНВЕСТИЦИСКИ ВЛОЖУВАЊА ВО 2016 ГОДИНА

Јагленово наоѓалиште  „Живојно“ се планира да се реализира од 2018 до 2024 година. Вредноста на инвестициското вложување е околу 104 милиони евра. Главниот рударски проект за отворање и експлоатација на јагленот од наоѓалиштето „Живојно“ со примена на подземна технологија се изработува и се очекува да заврши годинава. Во фаза на подготовка се и студиите за оправданост на концесиите за експлоатација на јаглен од наоѓалиштето „Живојно“за подземна и површинска технологија.

По завршувањето на студиите, ќе  започне  изработката на Главниот рударски проект за отворање и експлоатација на јагленот со примена на површинска технологија. Планираниот годишен капацитет во рудникот „Живојно“ (2 милиони тони со површинска експлоатација и 1 милион тони со подземна експлоатација) ќе се искористи за дополнување со  јаглен  во ТЕ „Битола“, во периодот после 2024 година.

Нови  локални наоѓалишта на јаглен во Берово (Панчерево), Делчево (Звегор-Стамер) и Ресен (Лавци)
Локалитетите „Панчерево“- Беровско и „Звегор-Стамер“- Делчевско се на голема оддалеченост од термоелектраните „Осломеј“ и „Битола“. Имајќи го во предвид фактот дека во овој дел од Македонија нема активна термоелектрана, во наредниот период се планира да се изработи физибилити студија за изградба на нова ТЕЦ „Исток“ која ќе ги користи расположливите резерви на јаглен од околните рудници. Локацијата на наоѓалиштето „Лавци“ – Ресенско, каде што јагленот е со многу ниска содржина на сулфур, е прифатлива поради релативно краткото растојание за транспорт до ТЕ„Осломеј“ и ТЕ„Битола“.

Првата фаза од реализацијата на деталните геолошки истражувања во Лавци, Звегор-Стамер и Панчерево заврши. Елаборатите се изработени, а ревизијата е во завршна фаза. Вкупно планираниот износ од 1.850.000,00 евра е обезбеден од сопствени финансиски средства на АД ЕЛЕМ. Првичните резултати добиени од првата фаза од деталните геолошки истражувања во Звегор-Стамер, изработката на елаборатите и нивната ревизија, обележувањето на јагленовото наоѓалиште и зголемувањето на вкупните геолошки резерви, укажуваат дека АД ЕЛЕМ треба да продолжи со истражувањата на оваа локација.

Можноста за искористување на јагленот од овие наоѓалишта во постоечките ТЕ „Битола“ и ТЕ „Осломеј“, како и можноста за изградба на една нова ТЕЦ значително ќе ја зголеми стратешката вредност на овие локации.

Намалување на емисијата на сулфурни оксиди и прашина во РЕК „Битола“ 
Во 2015 година започна реализацијата на третата фаза од процесот на модернизација и ревитализација на најголемиот  македонски енергетски комбинат за производство на електрична енергија,преку изработка на компаративна анализа за соодветните технологии на десулфуризација на РЕК „Битола“ и изработка на физибилити студија. За реализација на овој проект АД „Електрани на Македонија” склучи договор со словенечката компанија „Рудис”-Трбовље кој се реализираше во две фази:

I фаза: Проценка на техничката, економската и финансиската оправданост за намалување на SOx честичките и прашина од РЕК „Битола”, преку изработка на компаративна анализа за влажна, полусува и сува постапка на десулфуризација и намалување на прашината со електрстатски, вреќест или комбиниран филтер и други методи.

II фаза: Изработка на физибилити студија за избраната технологија за намалување на SOx честичките и прашината, која ќе вклучи и дополнителни технолошки решенија за намалување на сите емисии од РЕК „Битола”.

Врз основа на изработената компаративна анализа, како најсоодветна постапка на десулфуризација, е избрана влажната постапка. Предностите на оваа постапка во однос на останатите постапки (сува и полусува постапка) се:

  • Најниски оперативни трошоци;
  • Сигурно и доверливо снабдување со абсорбент (варовник) од домашни ресурси;
  • Отпаден нус-производ кој може да се одлага безбедно или да се продава (гипс);
  • Во процес на работа овој тип на технологија е најдоверлив;
  • Најприменлива постапка за десулфуризација (со најголем број на референци) ;
  • Највисока ефикасност (највисок процент на отстранување на сулфурните оксиди) во однос на останатите постапки.

Физибилити студијата за избраната технологија за намалување на сулфурните оксиди  и прашината е изработена во 2016 година. Во наредниот период се очекува да започне постапката на избор на меѓународна институција за финансирање на проектот за првата фаза – намалување на прашината, а потоа и  избор на изведувач на работите.

Со целосна реализација на овој проект се планира емисиите на SOx и прашина од РЕК Битола да бидат во согласност со Европската директива Industrial Emission Directive (IED) 2010/75/EU.

Ревитализација и модернизација на ТЕ „Осломеј“
Физибилити студијата за модернизација на ТЕ „Осломеј“ преку користење на јаглен со висока- калорична моќ се реализираше во 2016 година. Анализата за користење на природниот гас како гориво во ТЕ „Осломеј“ е изработена, а завршена е и анализата за користење на лигнит од неколку рудници во регионот. Вкупната инвестиција за ревитализација на ТЕ „Осломеј“ според физибилити студијата е проценета на 126.000.000,00 евра.

Се планира продолжување на проектот со втора фаза која опфаќа преговори со финансиски институции и избор на најповолен начин за финансирање на проектот. Планирано е проектот да се реализира во периодот од 2017 до 2020 година. Согласно Законот за животна средина, за овој проект се спроведе уште една постапка за оцена на влијанието врз животната средина и социо-економските аспекти, и за таа цел се изработи дополнителна студија за оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС) од Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Машински факултет“- Скопје.

Студијата за модернизација на ТЕ „Осломеј“ е доставена до МЖСПП во октомври 2015 година, а јавната  расправа се одржа на 29.09.2016 година во Општина Кичево. Известувањето за издржаноста на Студијата за оцена на влијанието врз животната средина за проектот „Модернизација на ТЕ „Осломеј“ во општина Кичево“, беше објавено на 10.11.2016 година, а Решението за издавање на согласност за спроведување на проектот беше доставено на  21.12.2016 година од МЖСПП.

Со реализацијата на овој проект  се продолжува животниот век на ТЕ „Осломеј“  за дополнителни 30 години, ефикасноста на блокот се зголемува, емисиите на CO2, SOx, NOx и прашина се намалуваат согласно дозволените емисии во ЕУ. ТЕ „Осломеј“ ќе се трансформира во солидно балансиран домашен производствен капацитет со прифатлива производствена цена на електрична енергија, независна од негативните и турбулентни движења на акциите и промените во светскиот енергетски пазар.

Топлификација на Битола, Могила и Новаци
Проектот за изградба на систем за  топлификација на Битола, Новаци, Логоварди и Могила е меѓу приоритетите што ќе ги реализира АД ЕЛЕМ во претстојниот период. Во изминатите неколку години се завршени серија важни подготвителни активности неопходни за реализација на овој значаен проект. Проектната документација е изработена и одобрена од надлежните институции, потребната модернизација на турбините на двата термоблока во  РЕК „Битола“ е завршена, и целосно е овозможено регулираното одземање на пареата. Во 2016 година е потпишан  Договорот за финансирање на проектот преку  заем  од германската КФВ  банка, а се потпиша и Договорот со консултантот на проектот.

Првата фаза од централниот топлификациски систем за снабдување со топлинска енергија опфаќа: изградба на систем за производство на топлинска енергија, транспортен вреловод, примарна пумпно – топлинска станица во Битола, вреловодна дистрибутивна мрежа во Битола и топлински потстаници во објекти. Во населбите Новаци, Могила и Логоварди ќе бидат изведени само приклучоците кон идните дистрибутивни мрежи.

Изградбата на системот за топлификација очекуваме да има директен импакт врз намалувањето на емисиите од согорување на дрво, масло за домаќинства и јаглен во малите домашни печки, во печките на јавните и комерцијалните објекти, како и во намалување на емисиите на SOx, NОx што во крајна линија ќе значи заштита на животната средина и екологијата во регионот. Проектот директно ќе влијае и врз намалувањето на  несоодветното третирање на отпадното масло во подготовка што сега се користи за греење. Дополнително, префрлањето на жителите на Битола и на регионот на оваа мрежа, ќе значи и значително намалување на потрошувачката на електрична енергија во зимскиот период која се користи за затоплување. Ќе се намали притисокот врз дистрибутивната мрежа во зимски услови, што ќе значи и  заштеда на природните ресурси што ги користиме за производство на електрична енергија, пред се’ на јагленот.

Доколку работите на терен се одвиваат според предвидената динамика, се очекува првите корисници на топлинска енергија да се приклучат до грејната сезона 2018-1019  година.

Рудник за јаглен и термоелектрана во Мариово

Во 2016 година започна изработката на физибилити студијата за транспорт на јаглен од Мариово до ТЕ „Битола“. Студијата е завршена и нуди решенија за можните начини и методологија за транспортирање на јагленот, гледано од технички и економски аспект. Со завршувањето на студијата дополнително се дефинира можноста и динамиката за реализација на овој проект.

Вкупната инвестиција на проектот е 126.194.595,00 евра, 15% од вредноста се планирани да се обезбедат од сопствени финансиски извори на АД ЕЛЕМ, во износ од 18.929.189,00 евра, а преостанатиот износ од 107.265.406,00 евра, од кредитно задолжување.

За реализација на овој проект се планира избор на финансиски консултант со инвестиција од приватен партнер преку моделот на концесионирање, или јавно приватно партнерство помеѓу ЕЛЕМ и приватниот партнер.

Предфизибилити  студија за нови когенеративни постројки
Во 2016 година АД ЕЛЕМ објави јавна набавка за избор на консултант за изработка на предфизибилити студија за изградба на нови когенеративни постројки. Целта на студијата е да се согледа оправданоста за инсталирање на три нови когенеративни постројки кои како гориво ќе користат природен гас, а се согласно планираната инфраструктура на гасоводната мрежа на предложените локации (локација1: Тетово-Гостивар, локација 2: Скопје, и локација 3: Штип-Велес-Кочани).

При изработката на студијата, консултантот треба да ја разгледа и можноста за снабдување со топлинска енергија на домаќинствата и деловните субјекти, како и можноста за користење на топлинската енергија во земјоделството. Во студијата, е предвидено  да се анализираат и заштедите што би се јавиле како резултат на инсталирање на новите капацитети, односно намалувањето на загубите кои се генерираат поради преоптоварување на постојната преносна мрежа на критичните места.

Предфизибилити студија за изградба на нови термоелектрани што ќе користат висококалоричен (увозен) јаглен
Во 2016 година, АД ЕЛЕМ  објави јавна набавка за избор на консултант за изработка на предфизибилити студија за пронаоѓање на нови оптимални локации за изградба на нови термоелектрани, што како гориво ќе користат висококалоричен (увозен) јаглен. Главна цел на оваа студија е да се добие анализа на нови базни производствени капацитети на увозен јаглен со прифатлив пазарен продукт.

Предфизибилити студијата треба да е основа за изработка на физибилити студија за изградба на големи енергетски објекти од овој тип во Р. Македонија. Крајниот резултат треба да е прецизно дефинирана проектна задача за изработка на физибилити студија за изградба на нови ТЕЦ во Р. Македонија кои како гориво ќе користат увозен висококалоричен јаглен.

Во предложените технички решенија, потребно е консултантот да ја има во предвид состојбата во преносната мрежа, како и потребите на топлинскиот конзум за некои од предвидените локации. При изработката на студијата, консултантот треба да ја разгледа и можноста за снабдување со топлинска енергија на домаќинствата и деловните субјекти во блиските општини (каде што можат да бидат исполнети услови), како и можноста за користење на топлинската енергија во земјоделството.

Когенеративна постројка за производство на електрична и топлинска енергија, и техничка пареа за Клинички центар „Мајка Тереза“-Скопје
Постројката за производство на електрична и топлинска енергија и техничка пареа – Клинички центар потребно е да ги задоволи потребите на енергија во текот на цела година и за таа цел се планира инсталирање на когенеративни модули во комбинација со парни и вреловодни котли. Инсталираната моќ на оваа постројка треба да биде димензионирана согласно потребите на Клиничкиот центар, за  цела година, бидејќи се работи за објект од значаен јавен интерес.

За избор и оптимизирање на когенеративна постројка за производство и снабдување со електрична и топлинска енергија за Клиничкиот центар беше изработена физибилити студија од  МАЦЕФ/РИ. Користејќи ја физибилити студијата како основа, во 2016 година беше изработена „Анализа на варијантни решенија за избор на  когенеративна постројка – Клинички центар Скопје“. Во анализата беше извршена проценка на економската оправданост за замена на постоечката опрема за производство на топла вода за греење и технолошка пареа, со постројка на природен гас за комбинирано производство на електрична енергија, топлина за греење и технолошка пареа.

Тековните потреби за енергија, како и планот за идниот конзум во кругот на Клинички центар се усогласени со Министерството за здравство, додека за цената на енергенсите се користени актуелните цени на регулираниот и слободниот пазар на електрична енергија, топлинска енергија и природниот гас. Дополнително, е изработена и анализа за состојбата на дистрибутивната мрежа во дел од Скопје, како и предлог на четири можни решенија за приклучок на идната когенеративна постројка на дистрибутивниот систем на електрична енергија.

Набавка на нова рударска механизација
Набавката на нова рударска опрема за РЕК „Битола“ ќе овозможи продолжување на работниот век  на термоелектраните за дваесет години. Новата опрема ќе овозможи побрзо отворање на рудникот „Подинска јагленова серија Суводол“, а ќе значи и намалување на оперативните трошоци при ископот на јаглен од површинскиот коп „Брод Гнеотино“. Со набавката на рударската механизација ќе нема потреба од ангажирање на надворешни фирми со што значително би се намалиле трошоците при експлоатација и тековно одржување во РЕК„Битола”.

Пред започнувањето на постапката за набавка на рударската опрема беше изработена техно-економска анализа, која покажа исплатливост на проектот. Вредноста на инвестициското вложување за набавка на рударската опрема изнесува 64,5 милиони евра. Во тек е постапка за јавна набавка по што ќе следи реализацијата, односно испорака на рударската опрема во следните две години.

Дополнителни геолошки истражувања во „Брод Гнеотино“
Во својата развојна политика АД ЕЛЕМ  спроведува низа активности за  навремено обезбедување на  резерви на јаглен и продолжување  на експлоатацискиот век на работа на термоелектраните во РЕК „Битола“. Количините на јаглен после ревизијата на елаборатите од спроведените истражни активности, укажуваат дека постојат уште околу 68 милиони тони геолошки резерви јаглен. Бидејќи станува збор за значителна количина на јаглен, од интерес на АД ЕЛЕМ е да ги продолжи активностите за ова наоѓалиште на јаглен во насока на негово операционализирање и употребување како потенцијален енергенс во ТЕЦ „Битола“.

Парк на ветерни електрани „Богданци“ – II фаза
Врз основа на искуствата и податоците што ги добивме од работата на првиот ветерен парк, откако ги согледавме предностите од реализирањето и работата, АД ЕЛЕМ ја разгледа можноста за проширување на паркот на ветерни електрани „Богданци“ со дополнителен број ветерници. Реализацијата на втората фаза од паркот на ветерни електрани „Богданци“, со инсталирана моќност од 13 MW  и изградба на нови шест ветерни турбини, ќе значи можност за дополнително годишно производство на електрична енергија од околу 36 GWh. Рокот за реализација е две години, а проектираната вредност на проектот е 21 милион евра.

Во 2016 година, КФВ банката од Германија реализираше воведна мисија за почеток на реализација на овој проект.

Оптимално енергетско искористување на Црна Река – ХЕЦ „Чебрен“ и ХЕЦ „Галиште“
Во февруари 2016 година беше објавен јавен повик за компании заинтересирани за проектирање, изградба и концесионирање на ХЕЦ „Чебрен“ и ХЕЦ „Галиште“. Заинтересираните компании беа поканети да дефинираат техно-економски решенија за хидроелектраните за чија изградба и управување се заинтересирани.

По завршувањето на овој јавен повик за пројавување интерес, во 2016 година, АД ЕЛЕМ отпочна со подготвителни активности, вклучително и изработка на проектна задача и објавување на јавен повик за избор на консултант за изработка на предфизибилити студија.

Ревитализација и модернизација на постоечките хидроелектрани – III фаза
Паралелно со изградбата на новите капацитети, во претстојниот период АД ЕЛЕМ  продолжува  со процесот на ревитализација и модернизација на постоечките хидроенергетски капацитети- III фаза. По успешното завршување на првата фаза на ревитализација во периодот од 1998 до 2004 година и втората фаза од 2010 до 2014 година, во процесот на третата фаза од модернизацијата на постоечките хидроелектрани, се планира: замена на енергетски и регулациски трансформатори, модернизација на генератори, замена на полови од ротор, замена на лежишта на агрегатите, замена на топчести затворачи, замена на пеперуткасти предтурбински затворачи и др.

Студијата за ревитализација на постојните ХЕЦ – III фаза беше изработена во 2016 година од  стручни лица од АД ЕЛЕМ и консултанти од ФЕИТ.

Префрлање на водите од Теново во ХЕЦ „Козјак“
Идејата за тунел за префрлање на дел од водите од река Вардар во река Треска, односно од локација Теново до акумулација Козјак е стара повеќе од 50 години. Врз основа на првата студија за оваа идеја, која е изработена од норвешката консултантска компанија Нортконсулт (Nortconsult), во 2015 година ЕЛЕМ изработи техничка документација само за тунелот Теново-Козјак, каде се прикажани некои  енергетски показатели и  финансиски анализи со денешни цени и изграденост на ЕЕС на Македонија.

Во 2016 година, АД ЕЛЕМ отпочна со подготвителни активности вклучително и проектна задача за објавување на јавен повик за избор на консултант за изработка на предфизибилити студија, која се очекува да биде завршена во 2017 година. Воспоставена е и комуникација со КФВ банка за можно финансирање на проектот.

Вардарска долина
Хидроенергетското искористување на реката Вардар е изучувано во повеќе фази. Досега се изготвени основни проекти само за поединечни хидротехнички објекти. Проектот „Вардарска долина“ предвидува енергетско користење на текот на реката Вардар со најзначајните притоки.

Во 2016 година беше објавен јавен повик за избор на консултант за изработка на предфизибилити студија. Избраниот консултант отпочна со изработка на студијата  во септември 2016 година, а се очекува таа да биде готова до крајот на  2017 година.

Физибилити студија за ревитализација на МХЕЦ „Глажња“ и МХЕЦ „Липково“
Во 2016 година се подготви потребната  документација за јавна набавка  за избор на консултант за изработка на физибилити студија за ревитализација на МХЕЦ „Глажња“ и МХЕЦ „Липково“. Хидросистемот Липково се состои од две акумулации, формирани со изградбата на браните Липково и Глажња, како и две мали хидроелектрични централи  „Глажња“ и „Липково“.

Овој хидроенергетски систем е повеќенаменски, бидејќи се решава прашањето за режимот на израмнување и користење на водите од реката Липково за следните потреби:

  • водоснабдување на градот Куманово и околните населени места,
  • снабдување на индустријата со технолошка вода,
  • наводнување на земјоделските површини и
  • производство на електрична енергија во МХЕЦ„ Глажња“и МХЕЦ „Липково“ .

По конфликтот во 2001 година, електромашинската опрема вградена во машинските згради во МХЕЦ „Глажња“ и МХЕЦ „Липково“ е целосно уништена. По фактичката состојба на самите локации, не постои можност за санирање на двете МХЕЦ, така што за ставање во функција, потребно е да се изврши целосна демонтажа и отстранување на остатоците од опремата и да се вгради комплетно нова опрема.

Пред почетокот со оперативна работа на „Глажња“ и „Липково“, потребно е да се направи и проверка на состојбата на останатата хидротехничка опрема како: состојба со затворачите на доводни и одводни органи, преливните органи, шахтите, состојба на цевководите, темелните испусти и др.