Во РЕК Осломеј ќе се гради фотоволтаична централа, инвестиција од 7 милиони евра

Поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК Осломеј  за околу една година треба да  бидат покриени со 10 мегаватна фотоволтаична мрежа. На таа локација ќе биде изградена фотоволтаична централа во која ќе бидат ангажирани  вработени во комбинатот откако ќе поминат соодветна едукација.

– Станува збор за прв капацитет во портфолиото на АД ЕЛЕМ што ќе произведува електрична енергија од фотоволтаици. Проектираното годишно производство е 15 GWh, што е доволно за задоволување на потребите од електрична енергија на околу 2.000 домаќинства во Република Македонија. Вредноста на инвестицијата изнесува 7 милиони евра, од кои 5,9 милиони евра се заем од ЕБОР, додека останатите средства ги обезбеди АД ЕЛЕМ од сопственото работење.

Овој проект што ќе се гради на површина од 15 хектари, на местото на рудникот Осломеј е значаен, не само од аспект на енергетските вредности , туку и од социјален аспект, како и во контекст на заштита на животната средина. Фотоволтаичната електрана  не е единствен проект на АД ЕЛЕМ, туку во компанијата подготвуваме уште два за кои јавноста наскоро ќе биде запознаена, рече по потпишувањето на Договорот за заем генералниот директор на АД ЕЛЕМ д-р Драган Миновски.

Како што истакна директорот за енергетика и енергетски капацитети на ЕБОР Хари Бојд Карпентер, проектот е еден од најважните и за Македонија и за регионот како целина поради иднинатата во обновливите извори  на енергија.

– Порано велевме дека имате избор да имате  чиста енергија и да имате евтина енергија.  Тоа веќе не е случај, енергетскиот сектор се менува, соларната и ветерната енерегија се менуваат секој ден и со добро организираниот пазар можете да имате и чиста  и евтина енергија -рече Карпентер.

Според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, ова е пример како веќе заборавен објект како Осломеј кој со мали исклучоци скоро и да не работеше во последните години ќе се претвори од загадувачки во еколошки  капацитет за производство на електрична енергија.

– Владата согласно Законот за енергетика со кој се отвори простор за инвестици во обновливи  извори на енергија ќе биде посветена за инсталирање колку што е можно повеќе мегавати  инсталирана моќност во обновливи избори на енергија кои, за жал, се единствениот енергетски ресурс во државата, најави Анѓушев, посочувајќи на податокот дека од Сонцето досега се искористени само 16 мегавати.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев,  исто така оцени дека се работи за исклучително еколошки проект заради тоа што преку државна инвестиција се става во функција Сонцето како огромен ресурс.

– Значајно е што државата го повлекува првиот чекор во она што следи за инвестиции во над 200 мегавати фотоволтаици и фотонапонска мрежа  за која се подготвуваат повеќе локации низ државата  преку јавно приватно партнерство или концесија за сите заинтерсирани за инвестиции во вакви енергетски обновливи извори- рече премиерот Заев.