Рудник Осломеј

Термоелектраната Осломеј – Кичево со инсталирана моќност од 125 MW е изградена и работи врз база утврдените резерви на јаглен од наоѓалиштето Осломеј, што се наоѓа во непосредна близина на истата. Површинскиот коп Осломеј со годишно производство од 1,2 х 106 тони јаглен и век на експлоатација од 22 години, почна со експлоатација од 1980 година.

Ова лежиште е поделено на два ревира со реката Темница и тоа:

  • ПК Осломеј – Исток, целосно е изваден јагленот.
  • ПК Осломеј – Запад е во завршна фаза на експлоатација.

Технолошкиот процес на откопување на јагленот и откривката се врши комбинирано, т.е. со континуирана и дисконтинуирана механизација. На откопните етажи се поставени БТО системите, кои претставуваат технолошки целини на искипување, транспортирање и одлагање на откривката и јагленот.

Багерите што се во работа се роторни и истовремено вршат копање, транспорт и истовар на материјалот. Транспортните ленти служат за транспорт на материјалот од багерот до одлагалиштето, односно преку постројка до рудните греди на депонијата. Одлагачот претставува завршна конзолна машина, која го прифаќа материјалот од транспортерите и го депонира во внатрешното одлагалиште.
Во дисконтинуираната механизација се застапени багерите дреглајни со кои непосредно се чисти јагленовиот слој со директно префрлање на материјалот во претходно откопаниот празен простор.