Топлификација на Битола, Могила и Новаци

Воведувањето на централен топлински систем за градот Битола и неговата околина е идеја која се провлекувала со децении. На идејата за воведување на топлинскиот систем преку користење на топлинската енергија од РЕК Битола може да се гледа и како еден вид на општествена одговорност на ЕСМ кон градот Битола и неговата околина, имајќи го во предвид големото влијание што го има РЕК Битола врз животната средина. Од друга страна, важно е да се забележи дека во поглед на потрошувачката, со користење на топлинска енергија за греење, ќе се  намали користењето на електричната енергија  за греење, а исто така ќе се намали и употребата на нафтата и дрвото за  огрев. Имплементацијата на овој проект значително ќе ја замени употребата на електричната енергија за греење, а  ќе ја зголеми безбедноста и сигурноста на дистрибутивната мрежа на електрична енергија.

Во однос на енергетската ефикасност, топлинскиот извор на централен топлификациски систем со голема моќност, опремен со современ систем за регулација и автоматизација на процесот на производство на топлинска енергија има значителна предност во однос на индивидуалните топлински извори кај потрошувачите. Уште во фаза на изградба на  РЕК Битола, односно во фазата на проектирање, е разгледувана можноста за производство на топлинска енергија за греење.

Во 2012 година е започната изработката на физибилити студијата изработена од страна на „Еконерг“ од Хрватска, која ги даде основните насоки за реализација на самиот проект.

При реализацијата на првата фаза од модернизацијата на РЕК Битола на турбините  инсталирана е соодветна опрема за одземање на пареа од турбините со што ќе се овозможи производство на топлинска енергија за греење, со што практично и започнува да се реализира самата идеја.

Покрај позитивните финансиски параметри за исплатливоста  и прифатливоста на проектот, треба да се потенцираат и позитивните параметри од извршените споредбени  анализи  на  цената на чинење на конкурентните енергенти со конкурентните енергенти од аспект на заштита на животната средина и енергетската ефикасност  која резултира со:

  • Намалување на емисиите од согорување на дрво, масло за домаќинства и јаглен во малите домашни печки како и во печките на јавните и комерцијалните објекти, SOx, NOx, CO, и др.;
  • Намалување на емисиите на CO2 на ниво на Р.Македонија;
  • Подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух;
  • Подобрување на квалитетот на земјоделската обработлива површина;
  • Намалување на бучавата;
  • Намалување на негативните влијанија врз природните еко-системи;
  • Сигурно и континуирано снабдување со топлинска енергија;
  • Намалување на веројатноста за евентуално несоодветно третирање на отпадното масло во припрема, а кое се користи за греење;
  • Намалување на респираторни болести;
  • Зголемување на квалитетот и услугата на живеење;
  • Намалување на потрошувачката на електрична енергија што се користи за греење на простории;
  • Намалување на загубите при дистрибуција на електричната енергија на ниско напонска и висока напонска мрежа;
  • Оптимизација на енергетските ресурси што се користат за загревање на простории во индивидуални објекти.