ИНВЕСТИЦИСКИ ВЛОЖУВАЊА ВО 2011 ГОДИНА

ИНВЕСТИЦИСКИ ВЛОЖУВАЊА ВО 2011 ГОДИНА

Во текот на 2011 година ЕЛЕМ инвестираше околу 61,1 милиони евра. Позначајните инвестициски вложувања се одвиваа на следниот начин:

Рудници

РЕК „ Битола“
Модернизација и ревитализација на агрегатите во РЕК „Битола“
Во најголемиот комбинат за производство на електрична енергија РЕК „Битола“ се реализира инвестицискиот проект за модернизација на агрегатите, што воедно е и најголемата инвестиција од изградбата на Комбинатот, вредна 56 милиони евра. Овој значаен мега-проект на ЕЛЕМ започна лани со модернизацијата на првиот термоблок, а ќе заврши догодина кога комплетно ќе се осовремени и третиот блок на термоелектраните на РЕК „Битола“. Во 2011 година беше модернизиран вториот блок и беа инвестирани 18,4 милиони евра. Модернизацијата успешно ја реализира руската компанија „Силовие машини“, а со осовременувањето на турбоагрегатот, освен зголемување на капацитетот на работата, се очекува и продолжување на експлоатациониот век на блокот за најмалку уште 120.000 работни часа. Овој зафат е од исклучително значење за електроенергетската стабилност на Република Македонија, бидејќи ќе се зголеми инсталираната моќност на термоелектраните во Комбинатот за дополнителни 8,32 мегавати по блок, односно 25 мегавати за трите блока, со што ќе се зголеми производството на електрична енергија од 160 до 200 гигават часа на годишно ниво, без дополнително зголемување на потрошувачката на јаглен.

Модернизација и ревитализација на котли и намалување на NOx емисиите во РЕК „Битола“
Во 2011 година започна реализацијата на проектот за модернизација на котлите во термоелектраните „Битола“ и намалување на NOx емисиите. Инвестицијата вредна 88,5 милиони евра ќе ја изведува реномираната германската компанија „Бобкок Борсиг“. Во 2011 година, за започнување на работите, беа инвестирани 1,6 милиони евра. 

Површински коп „Брод-Гнеотино“
Рудникот  „Брод-Гнеотино“, кој треба да го продолжи животот на РЕК Битола за 20 години, технолошки  целосно е комплетиран и во завршна инвестициска фаза. Таму завршува изградбата на главниот транспортен систем за јаглен од тој рудник до Суводол во должина од 10 километри кој го изведува германската компанија Тисен Круп, проект вреден 18,6 милиони евра. Во текот на 2011 година за овој проект се инвестирани 13,5 милиони евра.

Површинскиот коп „Подинска Јагленова Серија“ 
За изведба на експлатациони бунари во Површинскиот коп Подинска Јагленова Серија склучен е договор со изведувачот Градежен институт Македонија во износ од 3 милиони евра. Во 2011 година по основ на овој договор се инвестирани 0,8 милиони евра.

РЕК „Осломеј“
Во тек се подготвителни активности за изградба на транспортен систем за водено складирање на пепелта во РЕК Осломеј“. Во овој, мошне значаен еколошки проект на АД ЕЛЕМ, во 2011 година се реализирани  инвестициски активности во износ од 900.000 евра .

Истражувања на наоѓалишта за јаглен 
АД ЕЛЕМ, за обезбедувањето долгорочен стабилен електроенергетски систем  продолжи и со активностите за активирање  нови  лежишта на јаглен.

  • Јагленовото наоѓалиште Мариово
    Во тек е изработка на Главниот рударски проект за отворање, подготовка и експлоатација на јагленот со јамска технологија за јагленовото наоѓалиште Мариово, од страна на избраната компанија Премоговник – Велење, Република Словенија во износ од 0,7 милиони евра. Во текот на 2011 година за оваа цел се инвестирани 0,2 милиони евра.
  • Јагленовото  наоѓалиште Живојно
    За  проектот за истражување на јагленовото  наоѓалиште Живојно, АД ЕЛЕМ склучи  договор со Градежен институт Македонија (ГИМ) во вредност од  2,8 милиони евра за геолошки и за геотехнички доистражувања и испитувања.  До крајот на 2012, истражувањата ќе завршат со изработка на  елаборати за рудните резерви. Во текот на 2011 година за оваа цел се инвестирани 2,2 милиони евра.

Обновливи извори на енергија
ХЕЦ„Бошков Мост“, Акумулација „Луково Поле“ и Парк на ветерни електрани „Богданци“ 

АД ЕЛЕМ, во текот на 2011 година, работеше уште на подготовките за реализација на три многу значајни големи проекти како за АД ЕЛЕМ, така и за Република Македонија:  ХЕЦ „Бошков Мост“, акумулацијата „Луково Поле“ и Парк на ветерни електрани „Богданци“. Хидропроектите „Бошков мост” и „Луково поле” се во завршна фаза на подготовки, а  течат активностите и за реализација на ветерениот парк „Богданци“. Два тендери од овој проект веќе се во фаза на евалуација. Доколку се оди според планот,  веќе во првата половина на 2013 година, целиот парк ќе биде во функција и приклучен на електроенергетската мрежа. Во текот на 2011 година, за нашите проекти „Бошков Мост“, „Луково Поле“ и „Богданци“ се инвестирани 800 илјади евра во истражни и консултантски работи.

ХЕ „Света Петка“
Во 2011 продолжија  градежните активности на ХЕ „Света Петка“ со што овој капацитет влезе во завршна фаза од изградбата. За изградба на овој проект, во 2011 година, беа инвестирани 15 милиони евра. Браната е завршена, а во машинската зграда се монтираат и генераторите.

Информациски бизнис-систем
Во тек е имплементацијата на информацискиот бизнис-систем (САП ЕРП) чија примена ќе ги стандардизира, интегрира и автоматизира бизнис процесите во сите подружници на компанијата.  Овој напреден софтвер ќе овозможи побрзо донесување на одлуки и ефикасно организирање на производството и услугите. Оваа инвестиција на АД ЕЛЕМ вредна 4 милиони евра ќе овозможи поефикасни бизнис процеси низ различните подружници, ќе обезбеди навремени и точни информации на различни нивоа на работењето, ќе овозможи усвојување на најдобрите практики во индустријата, потоа оптимизација во користењето на ресурсите, како и целокупно подобрување на бизнис перформансите на компанијата. За оваа цел, во 2011 година се инвестирани 2,6 милиони евра.