Со нови инвестиции ќе го докапитализираме ЕЛЕМ

Интервју за дневниот весник „Капитал

Ако се суди според најавените енергетски приоритети на Електрани на Македонија, следните три години се клучни за изградба на хидроцентролите Бошков Мост, Луково поле и на Ветерниот парк во Богданци. Директорот но ЕЛЕМ, Влатко Чингоски, најавува дека преку нови инвестиции ќе ја зголемат капиталната вредност но компанијата до 2013 година, до кого треба до се докапитализира ЕЛЕМ до 49%. За продажба не размислуваат.

1. Кон средината на ноември ЕЛЕМ, Владата и ЕБРД потпишаa договор за финансирање на хидроцентралата „Бошков Мост. ЕБОР ќе учествува во проектот со 65 милиони евра, а ЕЛЕМ со 42 милиона евра. Но, пред потпишувањето на договорот ХЕЦ „Бошков мост беше проценет на 80 милиони евра. Од каде произлезе оваа разлика во цената на проектот и какви активности ќе преземете до почетокот на изградбата?  

-Сите досегашни чекори се изодени, останува да ја започнеме фазата на реализација. Пред потпишувањето на договорот со ЕБОР го потпишавме и договорот со конзорциумот од  две швајцарски компании „Штуки“ и „Консалт АГ“, коишто ќе бидат наши консултанти во целиот процес на реализација. Тие прво ќе треба да ја анализираат целокупната постоечка документација за да изработат тендерска документaција, а врз основа на која, пак, ќе се распише и јавен оглас. Очекуваме дека тендерската документација ќе биде подготвена во првата половина од 2012 година, за да може да се распише огласот и кон крајот на вториот квартал од следната година да  избереме изведувачи и снабдувачи на опрема, па  да почнеме со реализација. Вкупната инвестиција е предвидено да чини од 80 до 107 милиони евра. За да учествуваат во реализацијата на проектот, претставниците од ЕБОР, во подготвителната фаза, испратија свои консултанти со цел да направат анализа дали е исплатлив проектот и дали можат да го финансираат. Нивниот консултант смета дека вредноста од 80 милиони евра е реална, но можно е во текот на работата да се појават проблеми. Затоа ЕБОР даде сигурносна сума, којашто нема да надмине 107 милиони евра, а реалната вредност ќе ја знаеме откако ќе биде завршен проектот.

2. Од сите проекти кои ЕЛЕМ планира да ги реализира, во следните неколку години, веројатно проектот „Ветерен парк во Богданци“ е најблизу до реализација. Шест странски компании се заинтересирани за проектот и веќе беа на терен, се чека уште доставувањето на конечните понуди. Кога планирате производството на струја од ветер да стане реалност?

-Точно, најблиску до реализација е ветерниот парк, затоа што таму веќе се наоѓаме во фаза на избор на изведувачи. Тендерот е поделен во два дела. Првиот дел е избор на компанија која ќе ги направи и монтира ветерниците, а вториот дел за којшто беше оваа посета на локацијата е за енергетско поврзување на ветерниците, како и изработка на пристапни патишта до нив, потоа изградба на трафостаница, а со тоа и приклучок на целиот објект кон постојната мрежа во енергетскиот систем на Македонија. Ова е последната фаза пред подготовката на тендерската понуда и очекувам кон средината на декември да ги добиеме двете понуди: и понудата за опрема за ветерници и за нивна инсталација, како и понудата за пристапни патишта и трафостаница. Кај ветерниците има многу производители, а ние сакавме да ги селектираме само оние кои се сериозни. Затоа, баравме да се јават компании кои во последниве три години произвеле и инсталирале околу 100 ветерници со снага од 2 до 2,5 мегавати. Вториот дел, пак, е помалку критичен, бидејќи има поголем број производители на таква опрема. Четири компании се претквалификувани за втората фаза, тоа се „Сименс“ од Германија, „Вестас“ од Данска и „Гамеса“ и „Ибердрола“, двете од Шпанија. До  средината на декември тие треба да дадат конечна финансиска понуда. Во истиот период ќе ги добиеме понудите за трафостаница и приклучок, така што, во декември ќе треба да направиме евалуација и очекувам дека на почетокот на идната година ќе објавиме кои се добитници на тендерот, како би можеле да почнат со подготвување на проектот и на пристапните патишта. Очекувам дека идната есен ќе ги имаме првите инсталации на турбините. Доколку сè оди според планот, на почетокот од 2013 година ќе треба овој парк од 16 ветерници да биде веќе во функција. Инсталираната моќност ќе ја знаеме откако ќе ги добиеме понудите. Годишно ветропаркот треба да произведува околу 100 гигават-часови струја.  Оваа инвестиција е проценета на околу 50 милиони евра, но точниот износ ке го знаеме откако ќе ги избереме најдобрите понудувачи.

3. Во речиси сите проекти досега, коишто чинат неколку десетици милиони евра,  велите дека поголемиот дел од инвестициите ќе го покриете со заеми, а дел ќе бидат сопствени пари на ЕЛЕМ. Но, знаејќи ги годишните финансиски резултати на компанијата, од каде ги обезбедувате овие пари?

– Тоа се пари што ги генерираме од работењето, односно од продажбата на електричната енергија која се произведува во ЕЛЕМ. Во рамките на нашата регулирана цена вклучени се сите трошоци и инвестиции коишто ги остваруваме. Тековните инвестиции ги пријавуваме кај Регулаторната комисија за енергетика врз основа на реални податоци. Не се тоа само замислени инвестиции, туку реализирани, и сите тие пари регулаторот ги вклучува како трошок во нашето работење. Врз основа на ова, ние добиваме и VAC – value added capital, кој е околу 8% од вкупните трошоци што ги имаме како компанија. Тоа се пари кои ние ќе ги добиеме со производството и кои повторно треба да ги вратиме во развојот на компанијата, во подобрување и зголемување на производството, за нови инвестиции, во еколошки проекти итн. Целта е компанијата да зајакне не само технички, туку и економски.

4. Хидроцентралата „Света Петка“ требаше да биде готова до крајот на оваа година, но на отворената владина седница на премиерот му рековте дека сепак, оваа електрана, струја ќе произведува најверојатно од април следната година. На што се должи ова пролонгирање на инвестицијата и дали за ова доцнење можеби изведувачот „Рико“ ќе плаќа пенали?

-Морам да кажам дека проектот „Света Петка“ е исклучително тежок, бидејќи пред се` , локациски се  наоѓа на извонредно тежок терен. Наша основна цел е објектот да се заврши со предвидениот квалитет и без никакви човечки и материјални загуби. За жал, во минатото имавме неколку такви случаи. Имајќи предвид дека се работи за сложен проект, разните проблеми коишто ни се појавуваат во текот на изградбата влијаат на рокот на завршување на проектот. Активностите таму се одвиваат многу добро, така што можам да кажам дека до крајот на ноември браната се очекува целосно да биде завршена.   Очекуваме со завршувањето на браната и машинската зграда да отпочнеме со монтажа на опремата во машинската зграда и очекувам дека ќе го испочитуваме рокот што го ветивме, до први мај објектот да биде ставен во пробна работа.  Еден од проблемите на кои наидовме во овој период е обезбедувањето на приклучок на хидроелектраната кон преносната мрежа на МЕПСО. Моравме да подготвиме нов проект за да обезбедиме нов приклучок, а моравме да направиме и ново димензионирање на опремата во трафостаницата, како и да изградиме нов далековод во сосема друг правец. Во однос на изведувачот „Рико“, тие од нас бараа да се зголеми цената на проектот, врз основа на зголемените активности, но и на растот на цените на материјалите. Мора да имаме предвид дека тој договор е потпишан во далечната 2005 година, а почнал да се реализира летото 2006 година. За пет години цените драстично се менуваат на  пазарот, а најголем дел од опремата доаѓа од странство. Но, и ние како ЕЛЕМ во исто време имавме контра барања, пред сè поради доцнењето со изградбата. На оваа проблематика работи посебен тим таканаречен ДАБ-тим (dispute adjudication board), којшто е предвиден во самиот договор и кој треба да ги согледа реално барањата од двете страни и да најде правилно решение врз основа на договорот и на законските прописи . Очекувам дека во скоро време ќе го имаме извештајот од овој тим, кој ќе ни каже што ние имаме право да бараме од нив, а што тие од нас. Но, се трудиме тоа да не влијае врз динамиката на градбата, затоа што, на крајот на краиштата, што поскоро го завршиме проектот, тоа ќе биде подобро и за нив и за нас.

5. Премиерот Груевски најави дека до 2013  ќе се докапитализира ЕЛЕМ најмногу до 49%. Што е она што во моментов се прави, кои се вашите очекувања во однос на влегувањето на странскиот инвеститор во ЕЛЕМ?

– Прво да расчистиме неколку работи. Докапитализација значи зголемување на капиталната вредност на компанијата, а не продажба. Не размислуваме за продажба, ние размислуваме за зголемување на капиталот на компанијата со дополнително инвестирање во истата – докапитализација. На пример, со изградбата на „Бошков Мост“, вредноста на ЕЛЕМ ќе порасне. Тоа е еден вид на докапитализација. Ние постојано инвестираме во нови проекти, кои во иднина на подолг период ќе произведуваат струја, ќе донесат нови приходи, а со тоа и вредноста на компанијата ќе се зголеми. Тоа е она што сакаме да го постигнеме. Она што КПМГ го работи во Македонија за ЕЛЕМ е, всушност, проценка на вредноста на имотот на компанијата. Постојат неколку вредности на одредена компанија, на пример: со колку имот располага компанијата, потоа т.н. заменска вредност – колку пари се потребни за да ја замените таа компанија во дејноста во која работи и третата вредност е колку таа компанија вреди на пазарот. Но, во делот на докапитализација, не станува збор за ниту една од споменатите вредности. Нашиот модел е да најдеме партнер кој е подготвен да инвестира во ЕЛЕМ и на тој начин да стекне акции. Ако на пример, вредноста на ЕЛЕМ е милијарда евра, во тој случај, за некој да добие 49% од акциите, ќе треба да внесе уште една милијарда евра, и тогаш ЕЛЕМ ќе вреди две милијарди евра. Така, инвеститорот ќе има 49% од капиталот на компанијата, а државата 51%. Можностите за тоа се различни. За да се реализира нешто такво, прв и основен чекор е да знаеме колкав е капиталот со кој располага ЕЛЕМ. Следниот чекор е да се избере странски консултант кој има искуство во издавање акции и барање стратегиски партнери со задача на тој консултант да  изнајде оптимален модел за докапитализација на ЕЛЕМ, односно на кој начин да се дојде до дополнителни вложувања, односно инвестирања во компанијата.

6. ЕЛЕМ е првата македонска компанија која го имлементира САП-системот, локализиран на македонски јазик. За што се работи?

– САП системот е еден од највреднуваните системи, коишто треба да дадат целосна слика за состојбата на компанијата во секој момент. Системот прави анализа на сите процеси во компанијата: преку влез на нова стока, искористеност на капацитети, финансиско и комерцијалнотработење, текот на работењето, состојбата на складиштата, документите, човековите ресурси, едноставно сè со што располага компанијата. ЕЛЕМ е голема компанија, брои 4.000 вработени, со дисперзирани производствени капацитети во различни градови ширум Македонија и увидот во работењето без ваков софистициран софтвер е многу тежок . Инсистиравме САП-от да биде целосно локализиран на македонски јазик. Бидејќи доаѓа од странство, тој е локализиран на повеќе јазици -германски, чешки,унгарски, српски итн., но досега никогаш не бил целосно локализиран на македонски јазик. Ова е шанса за поголемо и полесно учество на САП на македонскиот пазар.