ОДБЕЛЕЖАНИ 58 ГОДИНИ ОД ПОЧЕТОКОТ НА ИЗГРАДБАТА НА ХЕЦ ТИКВЕШ

Вработените во ХЕЦ Тиквеш, денеска, традиционално  им укажаа должна почит на починатите градители на хидроелектраната и ја одбележаа 58 годишнината од почетокот на изградбата на еден од најзначајните хидроенергетски капацитети во земјава.

– Останавме верни на традицијата и скромно го одбележавме овој значаен датум за нашиот хидроенергетски капацитет. Денес им оддаваме почит на четворицата работници кои загинале за време на изградбата на хидроелектричната централа и придружните објекти, но и на другите вработени коишто не се  повеќе меѓу нас, зашто тие засекогаш ќе останат важни алки за успешна изградба и стабилно функционирање на хидроелектраната во изминатите, речиси шест децении – нагласи Ѓоко Ташев, директорот на ХЕ „Тиквеш“.

Подружницата ХЕЦ „Тиквеш“-Кавадарци дава значаен придонес во електроенергетскиот систем на Република Северна Македонија и во справувањето со енергетската криза. Од почетокот на оваа година до денес се произведени 44.000 MWh електрична енергија, што е 36 % од предвидените 121.000 MWh според електроенергетскиот биланс. Нивото на акумулацијата е на 256,50 м надморска висина, со доток кој во последниов период се движи околу 35 m3/s.

Во изминатите три месеци, се осврна Ташев, завршени се два значајни зафати :санација на заптивни гуми на таблестиот затворач на главниот доводен тунел,  како и замена на преттурбинските затворачи и управувачката единица  на две турбини. Во овие активности, покрај изведувачите, беа вклучени и дадоа огромен придонес и вработените од ХЕЦ „Тиквеш“.

-Остануваме цврсто определени и во иднина да се посветиме на добро превентивно и интервентно одржување на опремата, со цел да постигнеме максимална подготвеност и доверливост во работењето, но и да бидеме вклучени во новите предизвици како што се ревитализацијата на хидроелектраните -трета фаза, потоа можноста за монтажа на фотоволтаични извори на електрична енергија во близина на хидроелектраните и учество во потенцијалната изградба на ХЕ „Чебрен“ – подвлече Ташев, во обраќањето пред вработените во ХЕЦ Тиквеш.