РЕК БИТОЛА И ФАКУЛТЕТОТ ЗА БИОТЕХНИЧКИ НАУКИ – БИТОЛА ПОТПИШАА МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА

Најголемиот македонски производител на електрична енергија и најстарата единица на битолскиот универзитет започнуваат научна, техничка, образовна и апликативна соработка чиј приоритет е младите да стекнат соодветни вештини и тука, во татковината да ја најдат и обезбедат својата иднина. Меморандумот за соработка го потпишаа вд директорот на РЕК Битола, Пеце Матевски и деканот на Факултетот за биотехнички науки – Битола, Гордана Димитровска.
 
Соработката предвидува различни конкретни активности, меѓу кои :
– организирање и реализација на практична настава на студентите од Факултетот за биотехнички науки во РЕК Битола
– заеднички проекти од истражувачки, развоен и научен карактер
– консултации и експертизи
– размена на искуства
– организирање на курсеви и обуки од страна на Факултетот
АД ЕСМ, Подружница РЕК Битола и Факултетот за биотехнички науки во иднина ќе ја разгледаат можноста и за стипендирање на студенти од факултетот.
АД ЕСМ во рамките на своите определби за поддршка и помош на заедницата и врз база на одлуката за реално практикување на општествената одговорност, соработува со голем број наставно – научни установи во Република Северна Македонија. Покрај соработка во различни сфери од интерес на компанијата и факултетите, Државни електрани секоја година доделува по 25 нови стипендии на студенти од шест државни факултети во земјава. Интенција на АД ЕСМ е динамизирање на соработката во научно – техничката сфера со партнерите, како и постојано зголемување на поддршката за студентите и наставно – научните установи во државата.