ЕЛЕМ Енергетика почна со испораката на топлинска енергија за населбата Автокоманда
АД „Електрани на Македонија“ преку својата подружница „Енергетика“ од вчера почна да испорачува топлинска енергија за потрошувачите на целата територија на скопската населба Автокоманда.
Тоа го овозможи и Одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за изменување и дополнување на лиценцата за вршење енергетска дејност „Снабдување со топлинска енергија“ на АД ЕЛЕМ, подружница Енергетика, со која и се дозволува да испорачува топлинска енергија за потребите на населбата Автокоманда.
Генералниот директор на АД ЕЛЕМ г. Дејан Бошковски заедно со градоначалникот на Град Скопје г.Коце Трајановски и градоначалникот на општина Гази Баба г.Тони Трајковски денеска беа во населбата Автокоманда и остварија средба со граѓани со цел да проверат како започна преземањето на греењето.
– АД ЕЛЕМ во текот на минатата година го изгради магистралниот топловод во должина од два километри за населбата Автокоманда, инвестиција вредна 1,7 милиони евра направена на барање на граѓаните и на локалната самоуправа во соработка со Град Скопје. Со топлинската енергија што се обезбедува од ЕЛЕМ Енергетика досега се загреваа 2.170 домаќинства и 72 јавни објекти на територијата на Маџари, Триангла, Хиподром, Железара и дел од Автокоманда, а со новата инвестиција ќе им се приклучат уште 1.854 семејства во 70 станбени единици, како и градинки, училилишта, спортски сали и трговски објекти, изјави генералниот директор на АД ЕЛЕМ, г. Бошковски.
Тој изрази надеж дека со оваа инвестиција ќе се подобрат и квалитетот и условите за греење на граѓаните.
– Како што ме информираа граѓаните на денешната средба, преку 500 семејства што се откажале од парното греење, од вчера повторно се вратиле на централното греење, со што значително ќе се олесни работата на електро-енергетскиот систем, особено во овие зимски услови – изјави г. Бошковски. Како што најави генералниот директор на АД ЕЛЕМ, во зависност од интересот на граѓаните во план е и проширување на мрежата и во други населби.
ЕЛЕМ-Енергетика, нагласи г. Бошковски, е подготвена да им пружи квалитетни услуги на граѓаните што решиле да ја користат нејзината мрежа.
Градоначалникот на град Скопје г. Коце Трајановски, кој живее во населбата Автокоманда, рече дека веќе подолго време од Урбаната заедница Автокоманда барале да се приклучат на парното греење од ЕЛЕМ Енергетика зашто, како што рече, тоа е поевтино, постабилно и континуирано во текот на 24 часа.
– Подолго време работевме на овој проблем и од вчера започна централното греење во Автокоманда, со што сега општина Гази Баба целосно се затоплува преку ЕЛЕМ Енергетика- рече г.Трајановски.
Градоначалникот на Општина Гази Баба г.Тони Трајковски, пак, посочи дека досега најголем дел, односно 90 отсто од граѓаните од населбата Автокоманда, се затоплуваа со топлинската енергија што се произведуваше и дистрибуираше преку Топлификација.
– Сакам да и се заблагодарам на ЕЛЕМ што ја прифати иницијативата на жителите од Автокоманда за приклучување на системот на греење на ЕЛЕМ Енергетика која функционира во кругот на поранешна Железара. Граѓаните тоа го побараа заради поквалитетното 24-часовно греење и пониската цена. Од разговорите со нив можеме да видиме дека се задоволни и оти и оние кои беа исклучени од Топлификација и се грееја на струја, сега побараа да се греат преку ЕЛЕМ Енергетика – рече г. Трајковски.
Закони
Лиценци
Правилници
Хидроцентрали
Термоцентрали
Обновливи извори


Shqip
English
Deutsch