АД ЕЛЕМ освои три награди за општествено одговорни практики

АД „Електрани на Македонија“ ја освои националната награда за општествена одговорност  во категоријата „Однос со снабдувачи“, највисоко признание што денеска го додели Координативното тело за општествено одговорни практики. Ова одличје се однесува за проектот „ Влијание преку мрежата на снабдувачи во унапредување на здравствената и социјална заштита“.

Покрај првата награда во категоријата Однос со снабдувачи, АД ЕЛЕМ доби уште две признанија, односно освои две втори места во категориите „Однос со вработените“ и „Вложување во заедницата“ за проекти доставени на конкурсот што го распиша Министерството за економија, преку проектот „Општествена одговорност на претпријатијата во Македонија“, кофинансиран од Европската унија.

АД ЕЛЕМ, спроведувајќи ги доследно општествено одговорните практики како составен дел од корпоративниот профил на компанијата , во рамките на своите можности, несебично помага во развојот на општествените дејности како неопходен предуслов за раст и развој на државата, на граѓаните и унапредување на животната средина.

Конкурсот за годинешните награди за општествена одговорност на претпријатијата траеше од август до септември. На него аплицираа 36 претпријатија од кои 13 мали и средни и 23 големи компании со вкупно 59 проекти.