Со донација на АД ЕЛЕМ овозможена ноќна обиколка на Зоолошката градина во Скопје

Во Зоолошката градина во Скопје е поставено ново осветлување и нов систем за видео надзор, а посетителите возејќи се со вовче ќе имаат можност да ги гледаат животните во вечерните часови. Со реализацијата на проектот вреден 10 милиони денари,  поставени се 32 видеокамери на сите улични патеки во Зоолошката и 102 светилки со кои е овозможено целосно осветлување на живеалиштата. Во собата за мониторинг е поставен нов ЛЦД монитор за контролен надзор на снимките од камерите. Направен е и комплетно нов приклучок за поголема моќност, за рамномерно распоредување на електричната енергија.

Новото осветлување и видео надзор беа промовирани вечерва пред градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, генералниот директор на АД ЕЛЕМ, д-р Влатко Чингоски, генералниот директор на МЕПСО, Дејан Бошковски и членот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Игор Гиевски.

-Би сакал во името на граѓаните на Скопје да им се заблагодарам на ЕЛЕМ, ЕВН и МЕПСО за оваа донација на Зоолошката градина, со што уште еднаш докажаа дела станува збор за општествено одговорни компании, а Зоолошката градина Скопје е најсоодветното место за една ваква инвестиција- изјави градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.

д-р Влатко Чингоски истакна дека АД ЕЛЕМ  како општествена одговорна компанија го препозна значењето на овој проект и со средства се вклучи во негова реализација.

-Зоолошката градина последните години стана одлично катче за поминување на слободното време за децата, но и за возрасните. Со воведувањето на новините, придонесовме овој капацитет, да го продолжи своето работно време и во вечерните часови и да стане уште поудобно место за сите посетители. Во рамките на своите можности, АД ЕЛЕМ последните години се труди да ја помогне заедницата и да даде свој придонес во подобрување на општествените прилики. Очекуваме така да продолжиме и во иднина -рече д-р Чингоски.

Поранешниот директор на Зоо- Скопје Дане Кузмановски истакна дека со овој настан се означува почетокот на употребата на уличното осветлување во Зоолошката градина и уште една успешна реализација на еден голем проект.

-Со ова осветлување, граѓаните на Скопје, како и туристите, ќе можат во летниот период од годината и во вечерните часови да уживаат во убавините на Зоолошката градина. Што се однесува до комплетно новиот мониторинг тоа ќе помогне полесно да ги надгледуваме животните и посетителите, рече Кузмановски.

Посетителите кои први имаа можност да направат обиколка со зоо вовчето беа задоволни од проектот и ноќната прошетка.