АД ЕЛЕМ потпиша договор со грчкиот конзорциум „Терна – Сименс“ за реализација на проектот „Парк на ветерни електрани Богданци“

АД „Електрани  на Македонија“ потпиша Договор со конзорциумот „Терна – Сименс“ од Грција, за реализација на лот 2 од меѓународниот тендер за изградба на паркот на ветерни електрани (ПВЕ) „Богданци“. Предмет на договорот е изградба на пристапен пат, поставување на трафостаница и на далекувод што ќе го поврзуваaт паркот на ветерни електрани со преносниот систем на Република Македонија. Предвидено е активностите да започнат со изработка на проектна документација, а ќе се реализираат во рок од 13 месеци.

Изградбата на ПВЕ „Богданци“ се реализира преку тендерска постапка која се состои од два лота, и тоа лот 1 – набавка и монтажа на опрема (ветерни турбини) и лот 2 – изградба на пат и поставување на трафостаница и на далекувод за поврзување на ПВЕ со преносниот систем на Република Македонија.
Средствата за реализација на овие активности се дел од кредитот  обезбеден од германската КфВ банка, потпишан во април, минатата година. За проектот  чијашто проценета вредност е 55 милиони евра, германската КФВ Банка обезбеди  32,9 милиони евра, а останатите 22,6 милиони ќе ги обезбеди АД ЕЛЕМ од сопствени средства.

Целта на овој пилот-проект е да ја промовира енергијата на ветерот како возможен и остварлив извор на електрична енергија во Република Македонија. Со изградбата на ветерниот парк ќе се зголеми уделот на обновливите извори во производството  на струја од АД ЕЛЕМ за околу 100 гигават- часа годишно.