Заврши модернизацијата и на ТЕ „Битола 2“

Во РЕК „Битола“ денеска е промовирано успешното завршување на модернизацијата и автоматизацијата на термоелектраната „Битола 2“, Официјално, модернизираниот блок го пуштија во употреба потпретседателот на Владата на Р.Македонија и министер за финансии г-дин Зоран Ставрески, г-дин Максим Травников, заменик -министер за рурален развој во Владата на Руската федерација и д-р Влатко Чингоски, генерален директор на АД ЕЛЕМ.

Во таа прилика, г-дин Ставрески  нагласи дека енергетскиот сектор претставува столб на економскиот развој на секоја држава, а стабилното и квалитетно снабдување со електрична енергија е основен фактор за конкурентноста на економијата.

– Успешното завршување на модернизацијата на вториот блок, како и модернизацијата на првиот и третиот блок, се почеток на еден силен инвестициски циклус на ЕЛЕМ кој во наредните четири години ќе има вкупна вредност од 300 милиони евра- истакна министерот Ставрески на денешната пригодна свеченост во РЕК „Битола“.

Новите инвестиции во енергетскиот сектор ќе овозможат модернизација на постројките и блоковите во РЕК „Битола“, транспортниот систем за рудниците, како и изградба на нови енергетски капацитети во државата, рече вицепремиерот Ставрески.

-Се работи на сите сегменти од производството на електрична енерегија, изградба на нови капацитети како што се Луково Поле и Бошков Мост, а воедно се работи и на обезбедување постабилно и долгорочно снабдување со електрична енерегија од постоечките капацитети- посочи Ставревски.

– Придобивките од оваа инвестиција ќе овозможат продолжување на работниот век на РЕК „Битола“ за околу 30 години, обезбедување работа за сите работници, но и обезбедување стабилна енергија за македонската економија. Руската Федерација е еден од стратешките партнери на Република Македонија во енергетскиот сектор и во иднина очекуваме уште поголеми инвестиции во овој сектор, истакна министерот Ставрески.

Како што рече д-р Влатко Чингоски, генерален директор на АД ЕЛЕМ, модернизацијата и автоматизацијата на турбоагрегатите на ТЕ „Битола“ насочена е пред се, кон зголемување на доверливоста на работата на термоелектраните и продолжување на нивниот експлоатациски век за најмалку уште 120.000 работни часови.

-Со оваа инвестиција, ќе се зголеми инсталираната моќност на секој од трите агрегати на ТЕ „Битола“ за дополнителни 8,32 мегавати по блок, односно вкупно 25 мегавати за трите блока што отвора можности за зголемување на производството на електрична енергија за 160 до 200 гигават часови на годишно ниво, без дополнително зголемување на потрошувачката на јаглен.

Како резултат на модернизацијата, очекуваме драстично да се редуцираат динамиката и оперативните трошоци за ремонти и тековно одржување на термоелектраната во наредниот период.

Се очекува, со модернизацијата и автоматизацијата на вториот термо блок да се постигнат истите или подобри резултати од оние кои се постигнаа со модернизацијата и автоматизацијата на првиот термо блок, која успешно е извршена во минатата година.

Во оваа прилика, сакам да истакнам дека со модернизацијата на термоелектраната имплеметиран е и систем за автоматската регулација на производството, особина која досега не беше имплементирана во ТЕ „Битола“ и која особинa ќе биде од голема корист во претстојната либерализација во електроенергетскиот сектор во земјава и во регионот. 

По целосното завршувањето на модернизацијата, термоелектрана ќе биде во можност  автоматски да се прилагодува кон промените во потрошувачката на ЕЕ во нашиот електроенергетски систем, како и да реализира автоматска регулација на производството во утврден дијапазон, во зависност од дневните варијации на потрошувачката, директно од Координативниот центар за производство на АД ЕЛЕМ во Скопје, како и од Националниот Диспечерски Центар исто така во Скопје-рече д-р Чингоски во своето обраќање. 

АД ЕЛЕМ освен реализацијата на овој мега проект, паралелно и интензивно работи на доизградбата на главниот транспортен систем за јаглен од рудникот Брод-Гнеотино до рудникот Суводол.

-Засилената инвестициска агенда ја реализираме со силна поддршка на Владата и посебно министерствата за финансии, економија и животна средина во насока на побрзо и финансиски оптимално реализирање на сите инвестициски зафати, рече меѓу другото директорот на АД ЕЛЕМ д-р Влатко Чингоски.

На денешниот промотивен настан во РЕК „Битола“ присуствуваа и рускиот амбасадор Н.Е. Олег Николаевич Шчербак, претставници на Собранието на Р.М и претставници на локалната самоуправа.