АД ЕЛЕМ и годинава ја поддржа акцијата за порибување на Охридското Езеро со подмладок од јагули

Кај струшкото село Радожда денеска заврши акцијата за порибувањето на Охридското Езерото со подмладок на јагули, што финасиски традиционално ја поддржува АД „Електрани на Македонија“. – На вкупно три локации беа пуштени 840 килограми квалитетен подмладок на јагули. Со изградбата на двете хидроелектрани Шпилје и Глобочица природниот пат на јагулата е затворен. Поради тоа ние презедовме обврска секоја година Охридското Езеро да го порибуваме со 30.000 парчиња подмладок на јагула. Со оваа акција сакаме да го зачуваме овој ендемичен вид од исчезнување, а со тоа да придонесеме и за еколошка стабилност на целиот регион на Охридското Езеро, изјави д-р Влатко Чингоски, генерален директор на АД „Електрани на Македонија“.

Вкупната вредност на подмладокот на јагули со кој годинава се порибува Охридското Езеро изнесува околу 45.000 евра, средства во целост обезбедени од АД ЕЛЕМ. Подмладокот од јагула е со просечна тежина од 24 грама од единка и пред да заврши во Охридското Езеро престојуваше во струшкото мрестилиште Шум, каде беа извршени неопходните здравствени анализи и бактериолошки испитувања.

– Доколку оваа акција за порибување на езерото со јагула не се спроведуваше изминативе 30 години, тогаш голема беше веројатноста дека популацијата на јагула во Охридското Езеро целосно ќе исчезне. Ова е биолошки оправдано,и затоа сметам дека акцијата треба да продолжи и во наредниот период. Со задоволство можам да кажам дека голем дел од оваа јагула опстојува долго време во езерото, имајки го предвид податокот дека изминативе години вкупниот улов на овој ендемичен вид беше од пет до десет тони, што е навистина задоволувачки, изјави д-р Васил Костов, директор на Институтот за сточарство при УКИМ.

Охридското Езеро е единственото отворено езеро во Европа што се порибува по вештачки пат со јагула.Станува збор за еден од поважните видови риба кои го населуваат Охридско Езеро и е значаен елемент на биолошката разновидност со своја специфична улога во одржување на рамнотежа на екосистемот.
Одржувањето стабилна популација, преку интервенција на човекот, е од исклучителна важност за зачувување на природните вредности на езерото. Само на тој начин ќе се одржи природната рамнотежа на Охридско Езеро како акватичен екосистем од глобална важност.
АД ЕЛЕМ како општествено одговорна компанија ќе ја продолжи практиката за оплеменување на фондот на јагулите и во иднина, со што континуирано ќе обезбедува обновување и зачувување на овој вид риба.