Реверзибилни хидроелектрани

Македонија годишно може да заработува по 30 милиони евра од увоз и извоз на електрична енергија доколку се изградат пумпно-реверзибилните хидроцентрали Чебрен и Ташмаруниште.

Ова беше истакнато на презентацијата на заедничкиот труд на д-р Влатко Чингоски, Игор Николов и на Илија Андонов Ченто за изградба на пумпно-реверзибилни хидроелектрани на седум локации во Македонија реализиран од стручниот тим на ЕЛЕМ што беше претставен на конференцијата за обновливи извори на енергија во рамките на „Пауер Џен“ саемот за енергетика во Милано.

– Нашата првична анализа покажува дека со изградбата на Чебрен и Ташмаруниште интересот на државата би бил 30 милиони евра од увоз и извоз на електрична енергија. Електраните би увезувале енергија по цена од 35 ева за мегават час, а би извезувале за 65 евра. Се создава разлика која е огромна бидејќи повратната енергија чини многу повеќе од базната, изјави Игор Николов, одговорен инженер за обновлива енерегија од ЕЛЕМ, веднаш по презентацијата.

Тој посочи дека Чебрен би одговарала за регионалните потреби за балансирање на енергија, а Ташмаруниште би ги задоволила македонските потреби. – Ташмаруниште би можела да се гради во фази бидејќи е предвидено да има три агрегати со капацитет по 75 мегавати или вкупно 225 мегавати. Таа би можела да обезбеди енергија во време на високата побарувачка на конзумот, но би била многу значајна во ноќните часови за преземање на вишокот на енергија од термоелектраните, нагласи Николов.

За тоа да се реализира, посочи Николов, неопходно е до 2015 година да се либерализира пазарот за да можат електраните да работат на слободен пазар, да се направат напори за побрза изградба на пумпно-реверзибилните хидроелектрани и да се подобрат интерконекциите со соседните земји за да се стекне Македонија со многу поголеми капацитети за трговија со електрична енергија со околните земји.