Донација на АД ЕЛЕМ
Современ микроскоп кој е врв во оптичката хирургија во светот и го користат сите светски клиники доби Универзитетската клиника за уво, нос и грло во Скопје. Станува збор за донација на АД ЕЛЕМ вредна 4 милиони денари.
– Микроскопот е составен дел на сите светски клиники. На него веќе го надградивме конференцискиот дел. Со него дојдоа и основните акцесори. Во овој момент Клиниката првпат има своја оперативна датотека. Тоа значи дека секоја операција ќе биде снимена на неговиот хард диск и ќе може натаму да ни послужи за едукација и тренинг. Ова е прва голема и значајна донација и во оваа прилика се заблагодарувам на генералниот директор на АД ЕЛЕМ, г-динот Влатко Чингоски и на Управниот одбор на компанијата што имаа чувство да помогнат во ова осовременување на Клиниката за уво,нос и грло – рече денеска на прес-конференција директорот на Клиниката, проф.д-р Никола Николовски.
– Интервенциите со овој ласер се сведени до голема прецизност. Улогата на хирургот е да ги даде координатите. Во изминатите 10 дена со микроскопот се извршени над 20 интервенции, посочи проф.д-р Николовски.
Имаме, додаде тој, одлични оперативни столови и осветлување, но и дефицит од инструментариум на Клиниката. Според Николовски, донацијата од АД ЕЛЕМ значително ќе го подобри квалитетот при третирањето на пациентите.
Генералниот директор на АД ЕЛЕМ, д-р Влатко Чингоски од името на Управниот одбор на компанијата рече дека овој инструментариум ќе овозможи унапредување на здравствените услуги.
-АД „Електрани на Македонија“, спроведувајќи ја доследно усвоената Декларација за општествена одговороност, во рамките на своите можности несебично помага во развојот на општествените дејности како неопходен предуслов за раст и развој на државата, како и за подобрување на квалитетот на живеење на сите граѓани и унапредување на животната средина. Секако, во нашата благородна мисија да бидеме дел од унапредувањето на здравството во Република Македонија, неодминливо е и нашето помагање на проекти од оваа дејност- рече д-р Чингоски, на денешната заедничка конференција за печат.
Во оваа прилика, нагласи д-р Чингоски, сакам да истакнам дека откако ја воведовме општествената одговорност како наша корпоративна практика, во изминативе речиси година ипол, сме помогнале на повеќе здравствени установи во Република Македонија.
АД ЕЛЕМ, од областа на здравството финансиски даде поддршка во реконструкцијата на одделот за педијатрија при Општата болница во Велес, потоа во реновирањето на Диспечерскиот центар за итна помош при Здравствениот дом во Битола, како и на обезбедување на дел за нова опрема во Универзитетската клиника за радиологија во Скопје.
Грижата за општеството и неговото континуирано унапредување и во иднина ќе продолжи да биде дел од деловната политика на компанијата.
Закони
Лиценци
Правилници
Хидроцентрали
Термоцентрали
Обновливи извори


Shqip
English
Deutsch