АД ЕСМ: Оптимизација на домашното производство и стабилност за претстојната грејна сезона

Согласно планот за работа  и намалените потреби од електрична енергија за Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, АД ЕСМ во претстојниот период ќе се фокусира на оптимизација на домашното производство на електрична енергија и намалување на вкупната потрошувачка на ресурси. Оваа стратегија вклучува работа со еден термоблок од  РЕК Битола и ТЕ Осломеј, додека хидропотенцијалот ќе биде активиран според потребите на електроенергетскиот систем и воспоставените возни редови.

Согласно предвидената динамика и планот за ремонтни активности за одржување на техничко-технолошката опрема, во завршна фаза е редовниот ремонт на ТЕ Битола 2. Во наредниот период ќе се реализира ремонт и на останатите блокови во ТЕ Битола. Приоритетна цел е ремонтите да бидат целосно завршени пред почетокот на грејната сезона, со што ќе се зголеми ефикасноста и ќе се намали бројот на исклучувања од електроенергетската мрежа.

Состојбата на хидролошките резерви е значително подобрена во периодот април-мај. Прифатени се солидни количини вода, што поволно влијаеше резервите за производство на електрична енергија да надминат 45 проценти од вкупно расположливата зафатнина на акумулациите. Овој поволен тренд кој продолжува и во наредниот период е клучен за обезбедување на стабилност во снабдувањето со електрична енергија.

Примарна цел на АД ЕСМ е во наредната грејна сезона да влезе со  најмалку 300.000 MWh хидропотенцијал. Тоа ќе обезбеди сигурно и континуирано снабдување со електрична енергија од домашни извори, можност за брзо активирање на дополнителни капацитети во периоди на зголемена побарувачка и обезбедување на потребната флексибилност и сигурност на електроенергетскиот систем.

Со овие мерки, компанијата активно и посветено работи на зајакнување на домашното производство  на електрична енергија.