АД ЕСМ ги прилагодува производствените капацитети за претстојниот период

Во согласност со планот за оптимизација на производствените погони на АД ЕСМ, РЕК Битола во претстојниот период ќе оперира со два блока. Веќе се почнати подготвителни активности за активирање на ТЕ Битола 3, чија синхронизација во мрежата се очекува до утре во утринските часови. Оваа оперативна одлука е мотивирана од проектираното зголемување на потрошувачката на електрична енергија, предизвикано од најавениот топлотен бран и номинираните количини кон универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.
Во тек е и ремонтниот зафат на ТЕ Битола 1. По неговото комплетирање, овој блок повторно ќе биде интегриран во електроенергетскиот систем, по што ТЕ Битола 3 ќе влезе во процес на ремонт.
Исто така, како што претходно беше најавено, ТЕ Осломеј во наредниот период ќе биде надвор од функција . Управниот одбор на АД ЕСМ заедно со раководството на РЕК Осломеј ја разгледуваат опцијата годишниот ремонт да почне веќе од овој месец, со цел термоелектраната да биде комплетно подготвена пред стартот на грејната сезона.
Врвен приоритет е до почетокот на октомври, сите термокапацитети да поминат низ неопходното техничко-технолошко одржување. Ова ќе им овозможи максимален придонес во производството на електрична енергија во текот на грејната сезона.
И покрај сушниот период во изминатите два месеци, нивото на акумулираната вода во хидроакумулациите што АД ЕСМ ги користи за производство на електрична енергија останува на задоволително ниво. Хидроелектраните се максимално подготвени да обезбедат вршна енергија и системски услуги во наредниот период, целосно одговарајќи на потребите на електроенергетскиот систем. Дел од електричната енергија се обезбедува и преку Паркот на ветерни електрани Богданци.