Коњановски од Белград: Инвестиции во хидроенергија се клучни за енергетска транзиција

Директорот за производство на АД ЕСМ, Зоран Коњановски, беше панелист на Mеѓународната стручна конференција „Хидроелектраните – важна алка на енергетската транзиција“, што се одржа во Белград, во организација на специјализираниот реномиран портал „Енергија Балкана“.

Нашите хидропотенцијали имаат клучна улога во процесот кон енергетска транзиција и постигнување енергетска независност. Нивната улога во ‘пеглање на дневниот дијаграм’ е незаменлива. Оваа флексибилност овозможува брзо балансирање на електроенергетскиот систем, со оглед на растот на инсталирани капацитети од променливи обновливи извори како што се соларните и ветерните електрани. За разлика од другите извори чие производство варира, хидроелектраните можат да се вклучат и исклучат за само неколку минути, моментално компензирајќи ги падовите во производството на другите обновливи извори на енергија“, истакна Коњановски.

Коњановски нагласи дека хидроенергијата и реализацијата на новите хидроенергетски проекти се од непроценливо значење за стабилноста на македонскиот електроенергетски систем. Тој ги најави капиталните проекти во хидроенергетски објекти за кои во тек се подготвителни активности.

Во моментов интензивно работиме подготвителни активности за реализација на капиталните проекти – пумпно акумулационите хидроелектрани Чебрен, ️Козјак 2 и Ташмаруништа. Тие се најважниот и најефикасниот вид на складирање на електрична енергија на големо ниво и клучни за модернизација и стабилност на македонскиот електроенергетски систем, особено во ерата на енергетската транзиција.



Со обезбедување стабилност и баланс од домашен извор, се намалува зависноста од скапиот увоз на балансна и врвна енергија, и се зголемуваат капацитетите на ЕСМ за активно учество на регионалниот пазар на електрична енергија. Исто така, наскоро, почнуваме со реализација на капиталниот проект „Ревитализација на хидроелектраните-фаза 3“ што ќе донесе зголемена ефикасност на нашите постојни хидропотенцијали и зголемување на производството за 50 GWh“, најави Коњановски.



Со инвестиции во модернизација и искористување на целиот хидропотенцијал, ја градиме основата за позелена, постабилна и посигурна енергетска иднина за Македонија.



Традиционалниот Форум во Белград претставува еден од најрепрезентативните регионални научни собири во енергетиката, вмрежувајќи ги на едно место клучните носители на одлуки, релевантните чинители, водечките експерти и претставници на меѓународните финансиски институции.