Одбележани 70 години од големата трагедија во Мавровскиот регион: Почит за 52 загинати градители на Мавровскиот хидроенергетски систем

Со комеморативен собир и положување свежо цвеќе пред споменикот на загинатите градители кај Мавровската брана, денеска беа одбележани 70 години од една од најголемите природни катастрофи во историјата на Македонија. На овој ден во 1956 година, во серија разорни снежни лавини во долината на реката Радика, животот го загубија 52 лица.
Во присуство на вработени, претставници на локалната заедница и граѓани, со едноминутно молчење беше оддадена почит на градителите на Хидроенергетскиот систем (ХЕС) „Маврово“, граничарите и локалното население кои настрадаа во снежната стихија.
Директорот на АД ЕСМ, Подружница ХЕС „Маврово“, Александар Левкоски, во своето обраќање истакна дека споменот на овие луѓе е нераскинлив дел од идентитетот на хидроенергетскиот систем.
„Нивната храброст и пожртвуваност се вградени во темелите на едно од најголемите градежни дела на овие простори. Овој споменик е траен потсетник на високата цена што ја платија обичните луѓе за развојот и благосостојбата на целата заедница. Нивната жртва никогаш нема да биде заборавена“, нагласи Левковски.
Кобната ноќ помеѓу 10 и 11 февруари 1956 година, масивни лавини во реонот на селата Рибница, Торбешки Мост и Стрезимир се урнаа врз бараки и караули. И покрај пожртвуваноста на спасувачките тимови, од над сто затрупани лица, извлечени беа само половина. Во тоа време, Маврово беше симбол на индустрискиот подем на државата, но суровата природа го претвори градилиштето во место на голема тага.
Директорот Левковски потсети дека ХЕС „Маврово“ и денес, седум децении подоцна, игра клучна улога во енергетската независност на државата. Системот континуирано се модернизира и придонесува за стабилно снабдување со електрична енергија за сите граѓани.
Како дел од зачувувањето на сеќавањето, традиционално се одржува и Мавровскиот меморијал, кој со децении обединува натпреварувачи од цела Европа во чест на загинатите.


Фото: www.gostivarpress.mk