АД ЕСМ со засилен кадар: 600 вработени сертифицирани за процесите на зелената енергетска трансформација
Околу 600 вработени во АД ЕСМ се стекнаа со сертификати за успешно завршени обуки во рамките на стратешкиот процес за зелена енергетска трансформација, реализиран во партнерство со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). На свечениот настан одржан на Факултетот за информатички и комуникациски технологии при Универзитетот „Свети Климент Охридски“, заменик генералниот директор на АД ЕСМ, Реџеп Асани, истакна дека оваа инвестиција во човечкиот капитал е клучна за идната ефикасност и одржливост на компанијата.
Според Асани, стекнатите знаења ќе овозможат АД ЕСМ да стане поефикасна во секојдневните процеси, да се позиционира како лидер во пазарните иновации и да обезбеди долгорочен одржлив раст кој гарантира сигурна енергетска иднина за државата. Тој нагласи дека процесот на енергетска трансформација е комплексен потфат кој, покрај нови технологии, бара и целосно нов менталитет и подготвеност за излегување од зоната на комфор. Доделените дипломи, според него, се потврда за адаптибилноста на вработените и нивната желба за професионален напредок во време кога енергетскиот сектор претрпува суштински промени.
Во своето обраќање, Асани изрази благодарност до вработените за нивната посветеност во балансирањето на редовните работни обврски со процесот на учење, нагласувајќи дека компанијата денес е посилна токму поради нивниот труд. Тој упати посебна благодарност до министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, за нејзиниот придонес во забрзувањето на зелените проекти, кои сега се наоѓаат на „брза лента“ за реализација.
Како дел од развојната стратегија, беше најавено дека уште во текот на оваа година започнува реализацијата на три капитални проекти од Зелената агенда. Станува збор за изградба на три нови фотонапонски електрани кои значително ќе го зајакнат производното портфолио на АД ЕСМ и ќе го зголемат домашното производство на електрична енергија од обновливи извори. Истовремено, веќе е во тек теренската реализација на втората фаза од ветерниот парк „Богданци“.
На крајот, заменик генералниот директор упати благодарност до Европската Унија и нивниот финансиски механизам за Западен Балкан (WBIF), како и до клучните партнери во зелената транзиција – ЕБОР и KfW Банка, чија поддршка е од витално значење за модернизацијата на македонскиот енергетски систем.


Закони
Лиценци
Правилници
Хидроцентрали
Термоцентрали
Обновливи извори


Shqip
English
Deutsch