РЕК Битола и РЕК Осломеј го одбележаа 28 Август – Денот на рударите
Во рамки на својата долгогодишна традиција, во РЕК Битола и во РЕК Осломеј денеска беше одбележан 28 Август, Денот на рударите. Членови на Управниот одбор на АД ЕСМ и заменик министерот за енергетика, рударство и минерални суровини Мирослав Лабудовиќ ја истакнаа непроценливата улога на рударите во одржувањето на стабилноста на македонскиот енергетски систем и испратија пораки за натамошно подобрување на условите за работа, поголема социјална сигурност и континуирано зголемување на стандардот на вработените.
„Кадрите од оваа, најтешка професија на светот, не се создаваат само со зборови – тие се создаваат со труд и посветеност“, подвлече Директорот за производство на АД ЕСМ, Зоран Коњановски, во своето обраќање до рударите во РЕК Битола.
„Веќе ги гледаме позитивните сигнали во процесот на консолидација на АД ЕСМ. Новиот Колективен договор е потврда за нашата заложба за поголема социјална сигурност и подобри услови за вработените, преку директно покачување на платите уште од овој месец, како и скалест раст на примањата кој ќе надмине 10% во наредните 20 месеци. Исто така, веќе од августовската плата обезбедивме и поголемо вреднување на минатиот труд, што дополнително ќе влијае на порастот на платите. Сметам дека ова треба да го искористиме како мотив повеќе да продолжиме уште посилно, сложно и одлучно кон подобра иднина за компанијата, но и заеднички да отвориме можност за дополнително зголемување на платите и инвестициите во периодот што доаѓа“, рече Коњановски.
Заменик министерот за енергетика, рударство и минерални суровини, Мирослв Лабудовиќ, во своето обраќање ја истакна неопходноста од инвестиции во рударскиот сектор. „Рударството не е само традиција и пот – тоа е сериозна индустриска гранка и темел на македонскиот енергетски систем. Оваа гранка учествува со речиси 11% во нашето индустриско производство, а над 10.000 семејства во Македонија го вадат својот леб директно од рударскиот сектор.
Затоа, ако сакаме економски силна и енергетски независна држава, мораме да инвестираме во рудниците. Ни требаат високотехнолошки развиени копови, современа и механизирана опрема, побезбедни услови за работа и најстрога контрола за заштита на животната средина и рекултивација на земјиштето“, подвлече Лабудовиќ.
Директорот на РЕК Битола, Иван Куковски, ја истакна клучната улога на рударите во производствениот процес.
„Сериозниот пристап мора да ни биде примат – одговорноста на секој од нас е на прво место. Потребно е заеднички да креираме континуирано подобрување на условите за работа, но и посветено да се стремиме кон обезбедување на стабилна енергетска иднина, која најмногу зависи токму од нашите рудари“, истакна Куковски.
Според директорот на ПЕ Рудници, Златко Шиниковски, главен приоритет во наредниот период останува навремената техничко-технолошка подготвеност на механизацијата и системите за транспорт на јаглен, како и ископот на јаловина и јаглен во целосна согласност со рударските проекти.
На одбележувањето во РЕК Осломеј се обрати заменик генералниот директор на АД ЕСМ, Агим Садику.
„Финансиската консолидација на компанијата во наредниот период, ќе ни овозможи дополнително унапредување на социо-економските придобивки за сите вработени во АД ЕСМ. Како никогаш во изминатите девет години, инвестираме во ремонти, во ревитализација на техничко-технолошките процеси и во целосно запуштената опрема. Во тек се интензивни активности за ревитализација на постројките, за кои цврсто веруваме дека ќе донесат многу поголема продуктивност “, нагласи Садику.
Во честитката до рударите, директорите на РЕК Осломеј Александар Арсоски и Адил Сејдини се осврнаа на актуелните предизвици и важноста на комбинатот, особено на неговиот придонес во текот на грејната сезона.
Според Арсоски, „Осломеј“ е една од клучните алки од која зависи во кој правец ќе се движи компанијата во наредниот период.
Директорот Сејдини подвлече дека заложбите на секој поединец во колективот, неминовно ќе донесе добри резултати кои ќе помогнат кон целосната консолидација на компанијата.
Во двата рударско – енергетски комбинати беа доделени пофалници на 28 работници за особен придонес за изминатата година.



















Закони
Лиценци
Правилници
Хидроцентрали
Термоцентрали
Обновливи извори


Shqip
English
Deutsch