Инвестиција од 46 милиони евра во хидроелектраните на АД ЕСМ: Модернизацијата на опремата ќе донесе зголемено домашно производство и приходи од најмалку пет милион евра годишно
Преку изложба на фотографии, експонати и видео материјали од богатата архива на АД ЕСМ, во Музејот на Град Скопје, во присуство на претседателот на Владата Христијан Мицкоски е отворена уметничката поставка „Моќта на водата ја претвораме во енергија“, со која симболично e означен почетокот на реализацијата на капиталниот проект „Ревитализација на хидроелектраните – трета фаза“. Станува збор за еден од најзначајните инвестициски циклуси во историјата на АД ЕСМ, чија проценета вредност изнесува околу 46 милиони евра. Од средствата, 35 милиони евра се заем од германската развојна КфВ банка, а 10,7 милиони евра се неповратни средства од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Проектот кој ќе се одвива во наредните неколку години опфаќа модернизација на шест големи хидроелектрани (Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Шпилје и Глобочица) во рамките на трите системи: ХЕС „Маврово“, ХЕС „Црн Дрим“ и ХЕЦ „Тиквеш“. Со замена на застарената опрема ќе се намалат прекините во работата, ќе се продолжи работниот век на постројките и ќе се зголеми оперативната безбедност, со што се обезбедува сигурно балансирање и испорака на електрична енергија кон електроенергетскиот систем.
„Токму овој крупен зафат е силен предвесник на новата ера на компанијата. Придобивките од модернизацијата се директни и мерливи – го продолжуваме работниот век и го зголемуваме инсталираниот капацитет кај големите хидроелектрани за дополнителни 13,5 мегавати, со што обезбедуваме ново годишно производство од 50 гигават-часови чиста електрична енергија. Зголеменото производство и обем на системски балансни услуги, ќе ни донесат најмалку 5 милиони евра дополнителни годишни приходи“, изјави Лазо Узунчев, претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕСМ.
„Северна Македонија има голем хидропотенцијал, но за негово искористување потребно е модернизирање на постројките. ЕУ придонесе за ревитализација на 6 хидроелектрани со грант во износ од 11,2 милиони евра. Преку Планот за раст, ќе продолжиме со финансиска и советодавна поддршка за енергетскиот сектор во земјата“, изјави Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија во Северна Македонија.
„Заедно со Европската Унија, Германија ја поддржува Северна Македонија во изградбата на одржлив и отпорен енергетски систем. Соработката со KfW е насочена кон модернизација на клучната енергетска инфраструктура, која претставува темел за домашната енергетска безбедност и значителен придонес кон нашите заеднички европски климатски амбиции“, изјави Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија.
Проектот се реализира како дел од Енергетскиот пакет за поддршка на ЕУ за Западен Балкан, кој ја поддржува одржливата енергетска транзиција на регионот преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
















Закони
Лиценци
Правилници
Хидроцентрали
Термоцентрали
Обновливи извори


Shqip
English
Deutsch