АД ЕЛЕМ потпиша Меморандум за соработка со Машинскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ и со Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“
Генералниот директор на АД ЕЛЕМ, г.Дејан Бошковски, деканот на Машинскиот факултет, г.Атанас Кочов и деканот на Факултетот за природни и технички науки од Штип, г.Зоран Панов, денеска во Дирекцијата на АД ЕЛЕМ потпишаа Меморандум за соработка и договор за практична настава.
Главните области предвидени во Меморандумот за соработка се: работа на развојно-истражувачки проекти, работа на апликативни проекти и консултативни активности со посебен акцент на едукативните активности. Со Меморандумот се утврдува рамката во која се реализира соработката меѓу Машинскиот факултет од Скопје, Факултетот за природни и технички науки од Штип и АД „Електрани на Македонија“ за работи од заеднички интерес, базирани на искористување на научно-стручните, професионалните, материјално-техничките и просторните услови насочени кон унапредување на едукативните, истражувачките и апликативните активности од областа на рударството, истражувањето и експлоатацијата на енергетските минерални суровини, геомеханиката и активности од областа на машинството.
Посебен акцент во меѓусебната соработка ќе се стави на развојот на едукативните активности, што ќе се реализираат преку континуирано образование на инженерско – техничкиот кадар, со стипендирање студенти и постдипломци и со обезбедување студентска пракса за студенти – стипендисти и останати студенти запишани на Машинскиот факултет во Скопје и на Факултетот за природни и технички науки во Штип во работните единици на АД ЕЛЕМ. Ќе се внимава на препораките за вработување на студенти дипломирани на овие образовни институции на барање на ЕЛЕМ, а ќе се обезбедат и предавања, семинари, одбрана на магистерски и докторски трудови од делокругот на рударството и машинството.
„Меморандумот за соработка со Факултетот за природни и технички науки од Штип и Машинскиот факултет од Скопје е исклучително важен документ, што ќе ја подигне соработката на повисоко ниво“, рече генералниот директор на АД „Електрани на Македонија“ Дејан Бошковски. Овој Меморандум е поттикнувачки и ќе ги даде само рамките од кои треба да произлезат други документи. Од една страна, ќе им овозможиме на студентите и постдипломците комплетен увид во она што ќе биде нивна идна професија, преку организирање семинари, работилници, различни проекти, студентска пракса, како и додипломски, магистерски и докторски студии и различни теми од областа на енергетиката, машинството и рударството. Од друга страна пак, етаблирани експерти од Факултетите ќе добијат можност да ги советуваат нашите стручни кадри за одредени проблеми и за воведување модерни технологии во секојдневното работење“, рече генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски.
Деканот на Машинскиот факултет проф. д-р Атанас Кочов истакна дека му претставува огромна чест и задоволство што АД ЕЛЕМ активно ќе стипендира студенти од најстариот технички факултет во Македонија.
„Овој меморандум е само продолжение на успешната соработка меѓу АД ЕЛЕМ и Машинскиот факултет. Искрено се надевам дека покрај стипендирањето на студентите АД ЕЛЕМ ќе им овозможи и практична настава, со цел да имаат можност да согледуваат реални ситуации во работењето на компанијата. Посакувам ваквиот пример да го следат и останатите компании во Македонија“, истакна Атанас Кочов.
Деканот на Факултетот за природни и технички науки од Штип проф. д-р Зоран Панов изрази голема благодарност за можноста која што АД ЕЛЕМ им ја нуди на студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
„Се надевам дека поддршката ќе биде на сите нивоа. На овој начин АД ЕЛЕМ ги стипендира кадрите кои во иднина ќе бидат столбови на енергетскиот систем на Македонија“, рече Панов.
АД „Електрани на Македонија“ со потпишување на Меморандумот за соработка со Машинскиот факултет од Скопје и Факултетот за природни и технички науки од Штип потврди дека е општествено одговорна компанија, што ги следи, активно учествува и ги помага сите научно-образовни и технолошки достигнувања во делокругот на својата работа.
Закони
Лиценци
Правилници
Хидроцентрали
Термоцентрали
Обновливи извори


Shqip
English
Deutsch