Одбележан денот на рударите во РЕК Битола и РЕК Осломеј
Со пригодна свеченост во рудникот Суводол, АД „Електрани на Македонија“(АД ЕЛЕМ) го одбележа 28 август – Денот на рударите. На свеченоста, покрај менаџерскиот тим на РЕК„Битола“ и вработените на Комбинатот, присуствуваше и генералниот директор на АД ЕЛЕМ д-р Влатко Чингоски.
Во своето обраќање пред рударите и присутните гости, директорот на РЕК„Битола“ г.Мирко Ристевски го истакна значењето на работата на рударите за крајните производни резултати на комбинатот, додека директорот на рудниците во РЕК„Битола“ г.Сашо Јовчевски зборуваше за постигнатите резултати на оваа производна единица во периодот помеѓу двата празници. На крајот, на присутните им се обрати и генералниот директор на АД ЕЛЕМ д-р Влатко Чингоски.
– За обезбедување на стабилен и модерен енергетски систем во државата што е наша примарна цел, неопходно е одржување на стабилно производство на јаглен во рудникот Суводол и продолжување на работниот век на РЕК„Битола“ во наредните две децении, со отворањето на новите јагленокопови во Брод – Гнеотино и ПЈС на рудник Суводол, истакна во своето излагање пред рударите генералниот директор на ЕЛЕМ д-р Влатко Чингоски. Во изминатите години, рече д-р Чингоски, успешно е завршена монтажата на рударската опрема – багер СРс 1050 и одлагач А2РСБ 5500 вреден 25 милиони евра, што како први БТО систем е вклучена на отворањето на ПЈС во рудникот Суводол. Од овој капацитет во наредните дваесетина години се очекува да се ископаат 50 милиони тони јаглен. Исто така, минатата година со работа започна и вториот БТО систем во ПК Брод – Гнеотино, а со ставањето во функција на двата нови багери ЕШ 10/70 вредни 4,5 милиони евра дополнително се зајакнати капацитетите и на овој јагленокоп, каде многу скоро ќе се вложат и 1,8 милиони евра за асфалтниот пат од Новаци до Брод.
-Пред околу еден месец го ставивме во функција и главниот транспортен систем за континуиран дотур на јаглен од површинскиот коп Брод – Гнеотино до рудникот Суводол во должина од 10 километри, инвестиција чија вредност изнесува 18,6 милиони евра. Со завршувањето на овој инвестициски проект очекуваме транспортниот систем во иднина да ги пренесува ископаните количини јаглен од рудникот Брод-Гнеотино, и не само од него, туку во иднина и од новиот рудник Живојно, до Суводол во континуиран режим, истакна д-р Чингоски. Генералниот директор на АД ЕЛЕМ се осврна и на реализацијата на мега проектот за модернизација на агрегатите во ТЕ Битола вреден 56 милиони евра, од која се очекуваат дополнителни 25 мегавати нова инсталирана моќност во постојните термо блокови и зголемено производство од околу 160 гигават часови електрична енергија со користење на истата количина потрошен јаглен.
Исто така, првиот човек на АД ЕЛЕМ го објави и почетокот на проектот за модернизација на котлите во термоелектраните „Битола“, инвестиција вредна 88,5 милиони евра, која ќе се одвива во наредните три години и ќе овозможи зголемување на коефициентот на искористување на котлите, поголема енергетска ефикасност, продолжување на нивниот век на работа за 120.000 работни часови, и што е многу значајно, редукција на емисијата на штетни гасови на азотните оксиди согласно директивите на ЕУ за заштита на животната средина.
Д-р Чингоски потсети дека рударите, како и сите вработени во АД ЕЛЕМ се најголемото богатство и дека без нивно несебично залагање, развојот и успесите на компанијата би биле речиси невозможни.
-Со оглед на тежината на вашата работа и задачите кои ги извршувате во секојдневната „борба“ со природата и временските услови, сакам да ве уверам дека како раководство на ЕЛЕМ правиме и ќе правиме се што е во наша моќ да ги осовремениме и унапредиме условите за работа, со посебен акцент на безбедноста на опремата и пред се на луѓето, истакна на крајот директорот Чингоски. На прославата во рудникот Суводол традиционално беа прогласени и најдобрите рудари за оваа година, како и победниците на спортските работнички игри, организирани во чест на Денот на рударите.
И во кругот на РЕК Осломеј денеска беше одбележан Денот на рударите. По тој повод се одржа манифестација на која присуствуваа преставници на АД ЕЛЕМ, општина Осломеј, како и комплетниот менаџерски тим на РЕК „Осломеј“, а на 15 најдобри рудари меѓу двата празници им беа врачени пригодни награди.
Закони
Лиценци
Правилници
Хидроцентрали
Термоцентрали
Обновливи извори


Shqip
English
Deutsch