АД ЕЛЕМ ќе стипендира пет студенти

АД ЕЛЕМ во соработка со ЕВН Македонија и АД МЕПСО ќе стипендираат 14 студенти запишани на првиот циклус студии во учебната 2011/2012 на Факултетот за електротехника и информациски технологии – Скопје.

Со овoj потег кој се очекува да биде востановена пракика и во иднина, трите компании заеднички ќе дадат свој придонес и поддршка во едукација и оспособување на стручни и на квалитетни кадри од областа на енергетиката, и воедно ќе им се даде стимул на идните студенти за запишување на Факултетот за електротехника и информациски технологии. Во рамките на овој проект, АД ЕЛЕМ како компанија чии општествено одговорни практики се дел од нејзиното корпоративно портфолио ќе партиципира со стипендирање на пет студенти.

Можност да аплицираат имаат студентите запишани во прва година на студиските програми: Електроенергетски системи, Електроенергетика и управување, Електроенергетски уреди и Конверзија и искористување на електрична енергија.

Стипендијата е во висина од 6.000 денари месечно и важи  10 месеци, со можност за продолжување.

Документите се поднесуваат во Студентската служба на ФЕИТ од 04 до 11 април 2012, а прашалникот е достапен во електронска форма и на www.feit.ukim.edu.mk.

Селекцијата на кандидатите ќе ја направи Комисија составена од претставници на енергетските компании и од Факултетот за електротехника и информациски технологии од Скопје.