АД ЕЛЕМ потпиша Договори за ревитализација на хидроелектраните „Вруток“ и „Равен“

АД ЕЛЕМ во рамките на проектот „Ревитализација на шест хидроелектрани-втора фаза“, потпиша договори за ревитализација и модернизација на мавровските електрани Вруток и Равен, со две компании со меѓународно реноме, избрани на транспарентен меѓународен тендер. Австриската компанија АНДРИЦ Хидро ќе работи на замена и зголемување на моќноста на четирите генератори во ХЕ Вруток, потоа  на замена на високонапонските кабли, како и на замена на системите за подмачкување во ХЕ Равен. Словенечка ЕТРА Колектор, пак,  ќе изврши замена на шест енергетски трансформатори во ХЕ Вруток и замена на три енергетски трансформатори во ХЕ Равен.

Меѓу придобивките од овие зафати кои значително ќе ги подобрат производствените перформанси на хидроелектраните се зголемување на достапниот енергетски производствен капацитет на ХЕ Вруток од 168 МVA на 184 МVA(мегаволт ампери), можноста за дополнително производството на еколошки прифатлива електрична енергија до 50 GWh годишно, потоа подобрување на ефикасноста и намалување на загубите кои се претвораат во поголем потенцијал за производство на електрична енергија, како и заштеди во трошоците за одржување.

На потпишувањето на договорите, генералниот директор на АД ЕЛЕМ д-р Влатко Чингоски, истакна дека со реализацијата на двата договора, ќе се добие комплетно модернизирана хидроелектрана, со четири нови блок-трансформатори и четири нови генератори. Проектот со чија реализација се продолжува животниот век на хидроелектраната „Вруток“се очекува да заврши во мај 2014 година.

Генералниот директор на словенечката фирма „ЕТРА Колектор“, г. Петар Новак, изјави: „Ни претставува чест што ќе имаме прилика да соработуваме со компанија како АД ЕЛЕМ. Сигурни сме дека работите ќе бидат завршени со предвидената динамика и дека оваа македонска компанија ќе биде уште една добра референца во нашето портфолио“.

И г.Евалд Хесе, директор на АНДРИЦ Хидро за Југоисточна Европа, се заблагодари на менаџерскиот тим на АД ЕЛЕМ и ХЕ „Вруток“ за соработката и потенцираше дека нивната компанија ќе ја оправда довербата за овој важен договор, и дека проектот ќе се реализира според предвидениот план.

Направени се детални и веродостојни пресметки на потенцијалот за дополнителна енергија достапна преку подобрување на ефикасноста и намалување на загубите во генераторите и трансформаторите  за 7 GWh/годишно, притоа избегнувајќи ги емиисите од 6.000 тони на јаглерод диоксид годишно. Според потпишаните договори и утврдената динамика на ревитализација, првиот, нов блок генератор-трансформатор во ХЕ Вруток ќе биде пуштен во погон во јуни догодина, а последниот, четврти блок генератор-трансформатор, ќе биде пуштен во погон во маj 2014 година, кога и официјално ќе финишира  овој проект.

Оваа нова инвестиција на АД ЕЛЕМ претставува продолжување на традицијата и заложбите на компанијата за заштита на животната средина и намалување на емисиите на стакленички гасови, увозната зависност на Македонија од електрична енергија, како и потребата за обезбедување на поголема сигурност во снабдувањето со енергија. Вредноста на договорот за генераторите изнесува 18.68 милиони евра,  а за трансформаторите 2.77 милиони евра. Финансирањето на овие активности е преку заем од KfW банка за кој е веќе потпишан Договор во Министерството за финансии кон крајот на 2010 година.

АД „Електрани на Македонија“ пред повеќе од една година најави реализација на значаен енергетски проект за ревитализација на шест хидроелектрани-втора фаза. Станува збор зa зафат со кој, освен хидроелектраните Вруток и Равен ќе бидат третирани  хидрокапацитетите уште и Врбен, Шпилје, Глобочица и Тиквеш. Активностите кои треба да се реализираат во рамките на овој проект, пред се, опфаќаат ревитализација и модернизација на електричната и хидромеханичка опрема, градежни работи, како и имплементацијата на модерен систем за оскултација, односно набљудување на браните кај  хидроелектраните. Овие активности се продолжување и дополнување на првата фаза на ревитализацијата на истите хидроелектрани која успешно беше реализирана во периодот од 1998 до 2005 година.

Од вкупните предвидени инвестиции во износ од 31.8 милиони евра  за ревитализација на шесте хидроелектрани, најголемиот дел доаѓа од кредитот од Германската KfW банка во висина од 27.1 милиони евра, додека преостанатите 4.7 милиони евра се обезбедени од сопствени средства на АД ЕЛЕМ.  

АД ЕЛЕМ и во иднина ќе продолжи да инвестира во обновливи извори на енергија“.