Д-р Влатко Чингоски: Минатата година солидна за АД ЕЛЕМ во повеќето сегменти од работењето
Изминатата 2011 година беше солидна во повеќето сегменти од работењето на АД „Електрани на Македонија“, оцени генералниот директор на АД ЕЛЕМ д-р Влатко Чингоски на денешната прес-конференција на која информираше за остварените резултати и реализирани инвестициски активности на компанијата во минатата година, како и за плановите за годинава.
– Минатата година, АД ЕЛЕМ инвестира над 57 милиони евра во нови енергетски проекти, модернизација и ревитализација на постојните капацитети, како и во подготвителни активности за изградба на нови капацитети. Компанијата лани беше на ниво на својата задача и речиси во целост го исполни зацртаниот план за производство на електрична енергија во согласност со Енергетскиот биланс, рече д-р Чингоски.
Тоа, нагласи првиот човек на АД ЕЛЕМ, се должи на солидната оптимизација и координација помеѓу термо и хидрокапацитетите, одличната техничка подготвеност на капацитетите, успешниот процес на ревитализација на хидроелектраните и на заложбите на вработените за обезбедување на континуирано производство.
– Од термо и хидрокапацитети на ЕЛЕМ на електроенергетскиот систем на Република Македонија му се испорачани 6.043 гигаватчасови електрична енергија, што претставува реализација на 99,5 отсто од вкупно планираното производство, појасни Чингоски.
Термоелектраните „Битола“ и „Осломеј“ произвеле 4.775 гигаватчасови или 98,2 отсто од планираното со што е остварено за 498 гигаватчасови поголемо производство од рекордната 2010 година. За да се постигне тоа, рудниците „Осломеј“, „Суводол“ и „Брод Гнеотино“ експлоатирале околу 7,8 милиони тони јаглен за потребите на термоблоковите. Хидроелектраните и покрај сушата произвеле 1.268 гигаватчасови со што за 4,4 отсто го натфрлиле планираното годишно производство.
– Минатата година, особено во второто полугодие се соочивме со досега незапеметена суша. Дотокот на вода во акумулациите спореден со 2010 година беше помал дури за 1.381 гигаватчасови, односно за огромни 61,5 отсто. Намалениот доток особено е изразен во последното тримесечје од 2011 година, а трендот на намалени дотоци продолжува и во првите денови на јануари со намалување од цели 72 отсто, што е проследено со понатамошен пад на нивото на акумулациите – информираше д-р Чингоски.
Во 2011 година, додаде, е регистриран рапиден пораст на конзумот и натпросечна потрошувачка на електрична енергија кај тарифните потрошувачи во однос на последните пет години.
– Во текот на минатата година бележиме потрошувачка од 6.975,7 гигаватчасови што е најголема годишна потрошувачка од 2005 година. Овие бројки алармираат дека голем дел од потрошувачите, особено во Скопје веќе не користат парно греење, туку почнале да ја користат електричната енергија за затоплување. Овој тренд е крајно загрижувачки и би можел да го загрози функционирањето на електроенергетскиот систем, и неговата стабилност и доверливост, потенцира Чингоски.
Лани од редовен увоз АД ЕЛЕМ за тарифните потрошувачи набави 505,9 гигаватчасови електрична енергија што е за 128,9 гигаватчасови повеќе во однос на планираните 377 според Енергетскиот биланс за минатата година.
– Вкупниот износ за набавка на електрична енергија во 2011 година изнесува 41 милиони евра, по просечна цена од 80,78 евра за мегаватчас што е за 35 отсто повисока во однос на 2010 година. Преку транспарентна продажба на вишоци на електрична енергија по пат на аукции, АД ЕЛЕМ лани реализира продажба на 172,3 гигаватчасови електрична енергија од кои оствари обрт од 7 милиони евра или чиста добивка од 1,1 милиони евра, средства кои се реинвестирани во нови енергетски проекти, посочи Чингоски.
Во најголемиот комбинат за производство на електрична енергија РЕК „Битола“, потсети, во тек е модернизација и автоматизација на термоблоковите и продолжување на работниот век на ТЕ „Битола“ вредна 55.9 милиони евра од кои во 2011 беа инвестирани 18,4 милиони евра.
– Годинава во РЕК „Битола“ почнуваме и со капиталната инвестиција која опфаќа модернизација на котлите во термоелектраните „Битола“. Овој проект, вреден 88,5 милиони евра ќе го изведува германската компанија „Бобкок Борсиг“, која беше најдобро рангирана фирма на транспарентен меѓународен тендер со претквалификациска фаза, рече Чингоски.
Проектот опфаќа целосната промена на јагленовиот тракт, доводот на јаглен, доводот на воздух, намалување на нивото на штетните емисии со што РЕК „Битола“ ќе стане компатибилен во делот на емисија на азотни оксиди и ќе ги исполни најстрогите европски директиви за заштита на животната средина.
Финишира и изградбата на главниот транспортен систем за јаглен од рудникот Брод Гнеотино до Суводол во должина од 11 километри кој го изведува германската компанија Тисен Круп во вкупен износ од 18,6 милиони евра. Исто така, течат и подготвителни активности за изградба на транспортен систем за водено одлагање на пепелта во РЕК „Осломеј“.
– АД ЕЛЕМ во текот на 2011 година, работеше и на подготовките за реализација на проектите ХЕЦ „Бошков Мост“, акумулацијата Луково Поле и Паркот на Ветерни електрани „Богданци“. Хидро проектите „Бошков мост“ и „Луково поле“ се во финална фаза на подготовки, а течат активностите и за реализација на ветерниот парк „Богданци“. Хидроцентралата „Св. Петка“ е влезена во својата последна фаза од изградбата, машинската зграда е целосно завршена, а во моментов се работи на монтажа на хидроагрегатите. Доколку работите продолжат со оваа динамика, очекуваме капацитетот до почетокот од летото да почне да произведува електрична енергија. За доизградба на овој проект, во 2011 година се инвестирани 15 милиони евра, рече д-р Чингоски.
Во тек е, нагласи генералниот директор на АД ЕЛЕМ, имплементацијата на Бизнис Информациски Систем (САП ЕРП) чија примена ќе ги стандардизира, интегрира и автоматизира бизнис процесите во сите подружници на компанијата. Овој напреден софтвер ќе овозможи побрзо донесување на одлуки и ефикасно организирање на производството и услугите. Покрај тоа, имплементацијата на софтвер за планирање на ресурси во претпријатието ќе му помогне на АД ЕЛЕМ да се насочи кон европските трендови во своето деловно работење.
Имплементацијата на бизнис информацискиот систем се одвива во две фази.
Во првата фаза, овој софтвер ќе почне да се применува во секторите финансии, човечки ресурси, набавки, залихи и магацини, купопродажба на електрична енергија и управување со капитални инвестиции.
Во втората фаза, пак, бизнис системот ќе биде воведен во сегментите одржување, финансиски контролинг и документ менаџмент систем, со што целосно ќе бидат опфатени сите постојни деловни единици во компанијата.
Оваа инвестиција на АД ЕЛЕМ вредна 4 милиони евра ќе овозможи поефикасни бизнис процеси низ различните подружници, ќе обезбеди навремени и точни информации на различни нивоа на работењето, ќе овозможи усвојување на најдобрите практики во индустријата, потоа оптимизација во користењето на ресурсите, како и целокупно подобрување на бизнис перформансите на компанијата. Токму за овој проект, во 2011 година се инвестирани 2,6 милиони евра.
На крај, д-р Чингоски заврши со информацијата дека поради потребите од редовно инвестиционо одржување што се однесува на помали реконструкции и ревитализации во рамките на компанијата, потоа за изработка на проекти и набавка на опрема во текот на 2011 година се инвестирани околу 2 милиони евра.
-АД ЕЛЕМ и натаму ќе продолжи, во согласност со своите можности, да инвестира во проекти кои ќе обезбедат долгорочен и стабилен електроенергетски систем- рече д-р Чингоски.
Закони
Лиценци
Правилници
Хидроцентрали
Термоцентрали
Обновливи извори


Shqip
English
Deutsch