АД ЕЛЕМ потпиша договор за заем со ЕБОР за реализација на проектот ХЕ „Бошков мост“

Во вториот квартал од наредната година се очекува да почнат градежните работи на хидроелектраната „Бошков мост“, лоцирана во непосредна близина на Дебар на магистралниот пат Скопје-Дебар-Струга. До тогаш треба да завршат постапките за избор на изведувач и за доставувач на опремата.
Тоа е овозможено со денешното потпишување на Договорот за заем меѓу АД ЕЛЕМ и Европската банка на обнова и развој (ЕБОР) и на Договорот за гаранција меѓу Република Македонија и ЕБОР во Министерството за финансии.

Со двата договори се одобрува заем од ЕБОР во износ од 65 милони евра за изградба на ХЕ „Бошков мост“. Покрај тоа, АД ЕЛЕМ ќе вложи и сопствени средства во износ до 42 милиони евра. Заемот на ЕБОР е надополнет со грант од 340 илјади евра за обезбедување техничка и еколошка длабинска анализа.

Изградбата на ХЕ „Бошков мост“ ќе значи целосно енергетско искористување на хидропотенцијалот на Мала Река и на сите нејзини притоки. Предвидена е изградба на брана со висина од 33 метри и акумулација со зафатнина од скоро 900 илјади метри кубни, доводен тунел со дијаметар од три метри и должина 8.742 метри, шест зафати од тиролски тип и доводни канали во вкупна должина од 11.366 метри што ја носат водата во главниот доводен тунел и машинска зграда.

Хидроелектраната „Бошков мост“ треба да профункционира во 2016 година. Нејзината инсталираната моќност ќе изнесува 68,2 мегавати со просечно годишно производство од 117,54 гигават часови.
– Со потпишување на договорите официјално се создадени сите услови за отпочнување на реализацијата на ХЕ „Бошков мост“ чија вкупна вредност е 107 милони евра. Проектот е целосно финансиски заокружен и ќе може да започне со неговата реализација, рече вицепремиерот и министер за финансии м-р Зоран Ставрески по потпишувањето на договорите.

Тој посочи дека ЕБОР е значаен партнер на Република Македонија во сите области во делот на инфрструктурата, а од денеска и во делот на енергетската инфраструктура  и оти верува дека овој проект ќе се реализира според највисоките европски стандарди.

Директорката на Секторот за енергетски проекти при Европската банка за обнова и развој г-ѓа Нандита Паршад рече дека ЕБОР со задоволство го поддржува овој проект кој ќе придонесе за стабилноста на енергетскиот сектор во Македонија.
– Изградбата на новата хидроцентрала е значаен проект за Република Македонија. ЕБОР со задоволство го поддржува овој важен проект, кој ќе биде развиен и изграден во согласност со најдобрите еколошки практики и ќе придонесе кон натамошните реформи во македонскиот енергетски сектор, изјави Паршад.

Генералниот директор на АД ЕЛЕМ д-р Влатко Чингоски рече дека денешното потпишување на договорите е еден од најважните предуслови за почнување на изградбата на ХЕ „Бошков мост“.
– Проектот Бошков мост е опфатен во националната Стратегија за развој на енергетиката и во Стратегијата за обновливи извори на енергија како еден од хидроенергетските прокети со кој се планира подобрување на количината и на  структурата на енергијата произведена  во Македонија. Реализацијата на овој проект ќе придонесе за постигнување на критериумот поставен од ЕУ до 2020 година 20 проценти од вкупното производство на електрична енергија во земјава да се добие од обновливи извори на енергија- рече д-р Чингоски.

Техничката документација на ниво на Главен проект, за инсталирана моќност од 45 MW е  изработена во далечната 1983 година, додека Студија за изводливост е изработена во 2002 година, со основен заклучок дека за зголемување на рентабилноста на Проектот „Бошков мост“, неопходно е да се зголеми инсталираната моќност на централата од 45 MW на 70 MW. Идеен проект за инсталирана моќност од 70 MW е изработен во 2005 година, додека тендерската документација за доделување на изградбата на објектот по пат на БОТ концесија е изготвена во 2008 година.

Со проектот, истакна д-р Чингоски, се предвидува изградба на камено-насипна брана и формирање на акумулација, зафати на сите притоки од сливот на Мала Река, деривациони канали, тунел, цевковод и машинска зграда. Браната треба да биде изградена на самото устие на Јадовска во Тресонечка Река, под селото Тресонче. ХЕЦ „Бошков Мост“ се предвидува да работи во часовите на врвни дневни оптоварувања.

Денеска во рамките на овој проект,  во АД  ЕЛЕМ е потпишан договорот со консултантот за реализација на проектот – конзорциум составен од две швајцарски компании  Штуки и АФ консалтинг.

– Договорот е склучен за времетраење од 58 месеци, а неговата вредност е 3,4 милиони евра, сопствено учество на ЕЛЕМ во реализација на вкупниот прект за реализација на ХЕ „Бошков мост“. Главниот ангажман на консултантите ќе биде поделен на четири фази:
ревизија на постојната и подготовка на финална проектна документација,изработка на тендер за избор на опрема и изведувач на градежни работи за реализација на проектот, надзор и поддршка во реализација на проектот, и поддршка по пуштањето на хидроелектраната  во работа.