28 август – Денот на рударите

Рударите и професионалниот кадар на РЕК „Битола“ денеска во присуство на генералниот директор на ЕЛЕМ д-р Влатко Чингоски го одбележаа 28 Август – Денот на рударите.
Во своето обраќање, д-рЧингоски посочи дека рударите претставуваат најважната алка од синџирот на производство на електрична енергија.
– Нашата мисија е да градиме модерен електроенергетски систем во Македонија. Во таа смисла од непроценлива вредност е одржувањето на стабилно производство на јаглен од рудниците Суводол и Брод-Гнеотино, како и продолжувањето на животниот век на РЕК „Битола“ со целосно и навремено отворање на подинскиот јагленов слој, истакна Чингоски.
Исто така д-р Чингоски, ги нагласи минатогодишните одлични резултати како што се пуштање во работа на вториот БТО систем во кој е вклучен санираниот багер СРС 2000, успешно завршената модернизација на првиот агрегат, интензивните испитувања на јагленот во потенцијалните лежишта во Живојно и соседниот мариовски басен, успешно завршената монтажа на рударската опрема – багерот СРС 1050 и одлагачот ПСБ 5500, инвестиција вредна 25 милиони евра.
Тој најави неколку нови инвестиции, создавање услови за откоп на околу 50 милиони тони јаглен важни за работата на РЕК „Битола“,набавка и монтажа на транспортен систем од површинскиот коп Брод-Гнеотино до рудникот Суводол. – Засилено се работи на реализација на договорот со фирмата Тисен Круп од Германија за набавка и монтажа на главниот транспортен систем за континуиран дотур на јаглен од површинскиот коп Брод – Гнеотино до рудникот Суводол во должина од 10 километри, инвестиција во тек чија вредност изнесува 18,6 милиони евра. Овој мега инвестициски проект очекуваме да заврши за околу два месеци и со завршувањето на функционалните проби, очекуваме транспортниот систем да ги пренесе првите количини јаглен од рудникот Брод –Гнеотино до Суводол во континуиран режим.
– Во тек се испитувањата на потенцијалните лежишта со јаглен во Живојно мариовскиот басен, а воедно завршуваме со модернизацијата на вториот агрегат на термоелектраната која наредниот месец ќе биде вклучена во енергетскиот систем на Република Македонија, рече Чингоски.
На свеченоста во РЕК „Битола“, раководителот на Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ Коста Хаџиандоновски на генералниот директор на ЕЛЕМ Влатко Чингоски му подари детски ликовни творби во знак на благодарност што оваа општествено одговорна компанија ја поддржува Меѓународната ликовна манифестација „Мал битолски Мормартр“, а генералниот директор на РЕК „Битола“ Мирко Ристевски на најдобрите рудари и други работници од комбинатот им врачи пригодни јубилејни награди и признанија.
Денот на рударите, АД ЕЛЕМ го одбележа и во РЕК „Осломеј“ каде што рударите ги поздрави генералниот директор на компанијата д-р Влатко Чингоски. Осврнувајќи се на успешните резултати кои изминативе години ги бележи РЕК „Осломеј“, д-р Чингоски нагласи дека овој комбинат заедно со АД ЕЛЕМ, во периодот што доаѓа ќе работат на обезбедување јаглен од две нови лежишта кои треба да го продолжат континуираното производство на електрична енергија во ТЕ „Оломеј“ за наредните 10 години.