АД ЕЛЕМ и германската консултантска компанија „Поири ИНФРА“ склучија договор за изработка на Студија за влијанието врз животната средина на проектот Луково Поле
АД ЕЛЕМ и германската консултантска компанија „Поири Инфра“ денеска склучија Договор за изработка на Студија за влијанието врз животната средина од реализацијата на проектот Луково поле и веќе од 1 септември, германскиот консултант треба да почне со конкретни активности на терен. Изработката на студијата која чини околу 272.000 евра, ќе биде финансирана од кредитот од Светска Банка доделен на ЕЛЕМ за подготвителни активности за Луково Поле.
Договорот за изработката на студијата го потпишаа денеска директорот на ЕЛЕМ д-р Влатко Чингоски и претставникот на „Поири Инфра“ г. Хенри Брзезински, во присуство на министерот за животна средина и просторно планирање г. Абдилаќим Адеми. За осум месеци, до мај следната година, консултантот, треба да понуди комплетна еколошка студија со План за управување со животната средина, што би овозможило почеток на реализацијата на Луково поле, според избраните градежни методи базирани врз примена на најсовремени технологии.
Поширокиот регион на Луково поле влегува во националниот парк „Маврово“. Како потенцијални негативни влиjaнија од реализацијата на проектот се утврдени градежните работи од поголем обем, користењето материјали, како и промените во локалната хидрологија.
– Луково Поле ќе се наоѓа на локација со исклучителна природна убавина и разновидна флора и фауна, и релативно недопрена природа. Поширокиот регион на проектот Луково Поле влегува во Националниот парк „Маврово“, поради што АД ЕЛЕМ како инвеститор, обрнува особено внимание на еколошкиот аспект. Впрочем, заштитата на животната средина е едно од клучните начела според кое се води АД ЕЛЕМ во своето работење. Токму затоа и сметавме, дека е неопходно пред почетокот на градежните активности, да се стекнеме со точни параметри околу евентуално влијание кое овој Проект може да го има врз екосветот во ова подрачје, како и начините и методите за надминување на можните негативни ефекти преку превземање на современи технологии при изградба на вакви објекти – изјави д-р Влатко Чингоски, Генерален директор на АД ЕЛЕМ.
Според г.Брзезински, „Поири Инфра“ во следните осум месеци ќе прави проценка во детали на природните живеалишта за да се види целосниот опфат на проектот и на што се ќе влијае. Ќе се прави проценка и на законската рамка, како и анализа на проектот и можностите за алтернативни проекти и изградба со цел олеснување на негативните влиjанија и ќе се воведе план за управување со ресурсите на физичката култура.
Министерот Адеми изрази надеж дека поради локацијата на Луково Поле во Националниот парк „Маврово“, „Поири Инфра“ ќе ги има предвид сите аспекти од тој регион и ќе подготви квалитетна студија. Министерството за животна средина, како што рече министерот Адеми, ќе изготви решение за нејзино одобрување и е подготвено со сите ресурси да му помогне на инвеститорот.
Реализацијата на Луково Поле треба да придонесе кон зголемување на уделот на обновливата енергија во вкупното производство на електрична енергија во Македонија. Според хидролошките анализи, од проектот треба да се обезбеди дополнително производство на околу 160 GWh електрична енергија на годишно ниво во постојните хидроелектрани.
– Главниот дел на зголеменото производство од Луково поле ќе се реализира преку постоечките мавровски хидроелектрани Вруток-Равен-Врбен, а еден помал дел, преку новата хидроелектрана Црн Камен, која е предвидена за изградба во рамки на проектот, најави д-р Влатко Чингоски.
Проектот Луково поле вклучува изградба на акумулација со вкупен волумен од 39 милиони метри кубни, лоцирана во планинскиот масив на Кораб во Северозападна Македонија на висина од околу 1.500 метри. Вклучува и изградба на 20 километри долг канал (Довод на Корабски води), со два тунели, и кој со помош на пет зафати на вода ќе носи дополнителни води од Кораб во акумулацијата. На околу три километри низводно од браната се предвидува и изградба на мала хидроелектрана Црн Камен. Вредноста на целиот проект е 62 милиони евра. АД ЕЛЕМ треба да го реализира во период од четири години со сопствени средства и со кредит од Светска банка.
Закони
Лиценци
Правилници
Хидроцентрали
Термоцентрали
Обновливи извори


Shqip
English
Deutsch