ОД ЈАНУАРИ ЌЕ СЕ ВКЛУЧИ ВТОР КОТЕЛ ВО ТЕЦ НЕГОТИНО И ТРЕТ БЛОК ВО РЕК БИТОЛА

Управниот одбор на АД ЕСМ и Управниот одбор на АД ТЕЦ Неготино извршија увид во работењето на ТЕЦ Неготино. Термоелектраната непрекинато произведува електрична енергија од 18 декември, и работи со половина капацитет, односно со еден котел со цел прилагодување и стабилизирање на системот по повеќегодишната пауза. Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски најави дека во јануари ќе се вклучи и вториот котел во ТЕЦ Неготино и третиот блок во РЕК Битола. Според Ковачевски, со максимално ангажирање на сите производни капацитети, ќе се обезбеди снабдување за грејната сезона и ќе излеземе од енергетската криза без рестрикции, вложувајќи напори да се избегнат ситуациите кои веќе се случуваат во околните земји во однос на снабдувањето со електрична енергија.
 
Генералниот директор на АД ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ изјави дека термоелектраната континуирано работи веќе 10 дена и не очекува проблеми во следниот период, како и дека во план е целосно да се реализира договорот за деловно-техничка соработка со АД ЕСМ во однос на производството на електрична енергија од овој капацитет.