ЕСМ СТОРИЈА – БЛАЖЕ ШТЕРЈОСКИ И ЈАНИ СЕЈФУЛА: БЕВМЕ ИСТОВРЕМЕНО И КОЛЕГИ И СЕМЕЈСТВО
Цел колектив бевме едно семејство, имаше колегијалност, соработувавме, сите меѓусебно се помагавме, се поддржувавме, имаше заедничка почит, и секој си ја работеше својата работа со љубов и исполнителност
Редакцијата на „Енергија“, по повод 55-годишнината од пуштањето во функција на ХЕ „Шпилје“, ја посети хидроелектраната и поразговара со двајца наши колеги, пензионирани работници, Блаже Штерјоски и Јани Сејфула, кои беа почесни гости на настанот.
– Секогаш кога ќе нè поканат да бидеме дел од јубилеите сме пресреќни и почестени, и со задоволство прифаќаме да дојдеме и да се видиме со нашите колеги. Горди сме што раководството никогаш не нè заборава и секогаш нè кани на одбележувањето. За нас одбележувањето на јубилејот е навраќање во минатото, на нашите работни години, и секогаш нè обземаат силни емоции. Благодарницата ни е особено значајна бидејќи таа е вреднување на нашиот труд, на нашето работно достигнување, беа едногласни нашите пензионери Штерјоски и Сејфула.
Нашите соговорници Јани и Блаже со задоволство се присетуваат на деновите поминати во хидроелектраната „Шпилје“, на предизвиците со коишто секојдневно се соочувале, но и на тежината и сложеноста на самата работа.
Блаже Штерјоски родум од Дебар, се вработил 1975 година, шест години по пуштањето во функција на ХЕ „Шпилје“.- Во периодот кога се пушти во функција хидроелектраната „Шпилје“ имаше недостиг на стручен кадар, дефицитарен беше техничкиот персонал од електро и машинската струка. Во тој период беа потребни електротехничари и машински техничари, а во Дебар немаше таков вид кадар, имаше само во Скопје. Јас сум можеби од првата генерација електротехничари што заврши средно училиште во Скопје, бидејќи во тоа време поголем беше бројот на работници кои доаѓаа од другите градови: Струга, Велес, Скопје, Кочани. Замислете, тие бараа двајца електротехничари, а постоеја само тројца електротехничари во тогашниот Завод за вработување, а немаше ни доволно инженери. Се пријавив на огласот за техничар по енергетика и документација, и успеав, тоа се моите почетоци во ХЕ „Шпилје“. Првично како електротехничар, бев одговорен за електроопремата во ХЕ „Шпилје“, а потоа бев шеф на смена. Се запознав со колегите инженери, со стручните лица во хидроелектраната, со сите коишто беа вклучени во работата. Имаше заемна почит меѓу колегите, немаше несогласување, работите се реализираа професионално. По завршување на работата, по одработената смена, ние секојдневно се дружевме. Бевме истовремено и колеги и семејство, тоа што ние сме го поминале е незамисливо денес. И техничкиот кадар и колегите што ги работеа сметководствените и административни работи, сите функциониравме како едно, немаше потценување ниту деградирање. Се однесувавме професионално,кога имаше ремонт сите работевме макотрпно, по цели денови за побрзо да ја завршиме работата.Во услови на неразвиена технологија и инфраструктура, кога немаше современи постапки и вештини како денес, ниту ваков вид компјутери, ниту други современи средства, сите пресметки – за дотоци, производство на електрична енергија, кота на акумулација и др. се пресметуваа рачно затоа што во тоа време немаше дигитрони или ексел-табели за пресметки. Кога изготвувавме годишни извештаи за производство на електрична енергија или за движење на кота, ни требаа минимум десет дена да направиме рачни пресметки. Но, бевме млади и работевме со елан и ентузијазам. Сите бевме сплотени и меѓусебно соработувавме – ни рече со носталгија Блаже Штерјоски.
-Многу ми е убаво денес, ми се враќаат спомените на работата и на дружбата со колегите – го започна разговорот со нас, нашиот пензионер Јани Сејфула, поранешен шеф на одржување на хидромашинската опрема, вработен на 2 март 1969 година, осум месеци пред пуштањето во функција на хидроелектраната „Шпилје“.
Тој бил обучен од своите постари колеги, а и тој подоцна обучувал други помлади колеги. За кратко време се формирала добра работна екипа, сложна и стручна. Ентузијазмот бил голем и секој од колегите максимално се вложувал за да оствари што поголеми резултати. Грижата за секој еден вработен била постојано присутна.
– Кога почнав со работа хидроелектраната „Шпилје“ беше 80% изградена, завршуваа монтажните работи, при крај беше оспособувањето на влезната затворачница и на темелниот испуст. Генератор 1 и 2 беа готови, а на генератор 3 се спушташе роторот. Цевководот од влезната затворачница беше завршен и се вршеше антикорозивна заштита. Во јуни 1969 година почна да се полни езерото, знаете нашата електрана е градена на реките Црн Дрим и Радика. Во тоа време ние од Дебар секој ден одевме пешки на работа, 4 км без превозно средство и на доаѓање и на враќање. Поседувавме само еден руски џип којшто го користеше главниот инженер. Јас бев од Дебар, другите колеги доаѓаа од Битола, Струга, Охрид. На почетокот имавме огромна поддршка од главниот инженер Мирко Трајковски, кој нè упатуваше во работата, ни помагаше како на свои деца. Многу му благодарам, тие стекнати знаења и искуства се непроценливо богатство што јас ги применував и по пензионирањето, на работа во други земји. Цел колектив бевме едно семејство, имаше колегијалност, соработувавме, сите меѓусебно се помагавме, се поддржувавме, имаше заедничка почит, и секој си ја работеше својата работа со љубов и исполнителност. Постојано следевме кои од работите се реализирани, кои активности се следни, кои работни задачи се приоритетни, а што може да почека. Шефот на смена беше извонреден колега, до детаљ ни реферираше како поминал работниот процес, ги споделување извештаите со нас, бевме како браќа. Работните успеси ги прославувавме во меана, сите колеги заеднички и здружно – ја раскажува својата работна приказна нашиот колега, пензионерот Јани Сејфула.
Тој низ годините има учествувано и во повеќе инвестициски активности на електраната „Шпилје“. Низ годините веќе имал искуство и го познавал режимот на работа на хидроелектраната.
– Сејфула Јани беше најтрудољубивиот колега, тој не се штедеше во своите задачи и дење-ноќе беше присутен на работа. Искуството се стекнува со работа, ние не се срамевме да ги прашаме постарите вработени за сите нејаснотии поврзани со работниот процес – додаде Блаже.
– Мене ми е многу мило што сум два пати тука и на јубилејот 50 години ХЕ „Шпилје“ и сега на 55 години, видов многу колеги што сум работел со нив – не ја скри радоста, Јани.
Во сеќавањето на нашите пензионери останале само убавите и радосни моменти.
Пензионираните колеги ги оставивме со спомените поврзани со својот работен век. Искрено им посакавме убави, спокојни и мирни пензионерски денови и повторно да се видиме на следниот јубилеј.