РЕК Битола ја оптимизира испораката на електрична енергија за време на планирани ремонти и намален конзум

Рударско енергетскиот комбинат (РЕК) Битола во моментов го оптимизира својот распоред за производство на електрична енергија заради тековниот годишен ремонт и кратка техничка интервенција. Годишниот ремонт на Блок 2 на ТЕ Битола, кој започна на почетокот на овој месец, се одвива според планираното. Паралелно со ова, се спроведува кратка, но неопходна техничка интервенција на Блок 1, која вклучува замена на цевни профили во котелскиот дел на постројката. Оваа рутинска процедура се очекува да биде завршена денеска, а капацитет да биде повторно приклучен вклучен на мрежа најдоцна до утре.

По повторното вклучување, согласно планот за работа, во наредните денови предвидена е интервенција и на Блок 3.

За разлика од минатата година, оваа година сите три термоблокови во РЕК Битола ќе подлежат на неопходни редовни ремонтни зафати, при што за Блок 1 е предвиден капитален ремонт. Потсетуваме дека минатата година, овој капацитет не беше сервисиран според планираниот распоред во март, што го принуди актуелното раководство да ја помине целата измината грејна сезона без потребното техничко и технолошко одржување.

Со оглед на намалената тековна потрошувачка на електрична енергија и потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, номинираните количини целосно ќе бидат реализирани. Доколку се појави потреба за дополнителни количини, сите останати производни капацитети на АД ЕСМ се на располагање за производство на електрична енергија.