Генералниот директор Узунчев оствари работна средба со градоначалникот на Општина Новаци
Генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, денеска оствари работна средба со градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски. Главниот фокус на разговорите беше насочен кон можностите за продлабочување на меѓусебната соработка, зајакнување на партнерскиот однос и реализација на тековните стратешки проекти на Компанијата на територијата на Општина Новаци.
Со оглед на значењето на Општина Новаци како локација каде што се наоѓа најголемиот производител на електрична енергија во земјата, РЕК Битола, негувањето на силен и продуктивен партнерски однос е од исклучителна важност за непреченото функционирање на Комбинатот.
Првиот човек на ЕСМ го информираше Стевановски за претстојните планови на АД ЕСМ кои се однесуваат на реализација на проекти за изградба на три фотонапонски електрани со вкупна инсталирана моќност од околу 170 MW. Овие инвестиции претставуваат значаен дел од процесот на енергетска трансформација на компанијата и земјата во целина. Исто така, акцент беше ставен и на можноста од зголемување на домашното производство на јаглен во периодот на енергетска трансформација на Македонија кон зеленото сценарио.
Узунчев и Стевановски се согласија дека увозот, односно набавката на јаглен како енергенс за потребите на термоелектраните „Битола“ на краток и на среден рок е неодржливо решение со оглед дека и до 200 камиони дневно натоварени со овој енергенс транзитираат по инфраструктурата на Општина Новаци. Во тој контекст тие споделија став дека најоптимално решение за ослободување од зависноста од увезениот јаглен е искористување на потенцијалите од локалитетот Живојно кој во преодниот период кон енергетска транзиција може да биде клучен за целосна независност на АД ЕСМ во обезбедувањето на погонско гориво за термоблоковите. Во перспектива, тоа ќе придонесе кон енергетската независност, намалување на цената на електричната енергија, минимизирање на увозот на електрична енергија и зајакнување на финансиската стабилност на АД ЕСМ која ќе обезбеди средства за нови инвестиции во обновливи извори и во паметни еколошки решенија за заштита на животната средина.
Двете страни изразија задоволство од досегашната соработка и подготвеност за нејзино натамошно интензивирање во насока на реализација на заедничките цели и проекти од взаемен интерес.