Заеднички брифинг за медиуми во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини: Отвореност и стабилност во енергетскиот сектор

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини беше домаќин на заеднички брифинг за медиумите, посветен на актуелните состојби во енергетскиот сектор. Настанот овозможи директен и навремен одговор на сите прашања од јавен интерес поврзани со функционирањето на енергетскиот систем во земјата.
На брифингот свои излагања имаа министерката за енергетика, Сања Божиновска, заедно со директорите на трите клучни државни енергетски компании Лазо Узунчев (АД ЕСМ), Бурим Латифи (МЕПСО) и Зоран Ѓорѓиевски (МЕМО). Фокусот на дискусијата беше ставен на финансиската состојба на државните компании, стабилноста на електроенергетската мрежа, тековните предизвици и чекорите што институциите ги преземаат за обезбедување долгорочна сигурност во снабдувањето со електрична енергија.
Генералниот директор Лазо Узунчев, истакна дека компанијата работи во комплексен финансиски контекст, со затекнати обврски и притисок од зголемените трошоци за одржување на постојните капацитети. И покрај овие предизвици, АД ЕСМ има амбициозни планови за транзиција кон обновливи извори на енергија.
„Преземаме мерки за рационализација на трошоците, зголемување на ефикасноста во производството и унапредување на техничко-технолошките процеси во електро-енергетските производствени капацитети,“ изјави Узунчев. Тој додаде дека состојбата на хидролошките резерви е значително подобрена во периодот април-мај, со прифатени солидни количини вода. Како резултат на тоа, резервите за производство, надминаа 48 проценти од вкупно расположливата акумулирана енергија. Овој поволен тренд, кој продолжува и во наредниот период, е клучен за обезбедување стабилност во снабдувањето со електрична енергија. Примарна цел на АД ЕСМ е во претстојната грејна сезона да влезе со најмалку 300.000 MWh хидропотенцијал. Ова ќе обезбеди сигурно и континуирано снабдување од домашни извори, можност за брзо активирање на дополнителни капацитети во периоди на зголемена побарувачка, како и потребната флексибилност и сигурност на електроенергетскиот систем.
Со овие мерки, нагласи првиот човек на АД ЕСМ, активно и посветено работиме на зголемување на домашното производство, со цел да обезбедиме колку што е можно поголема енергетска независност и да го зајакнеме електроенергетскиот систем.