АД ЕСМ го оптимизира производството со два термоблока, вклучена и комбинираната електрана КОГЕЛ
Поради оптимизација на производниот процес и намалената потрошувачка, наредните денови во функција ќе бидат два термоблока: Битола 2 и Осломеј. Термоелектраната Осломеј е вклучена во електроенергетскиот систем од вчера претпладне, додека ТЕ Битола 3 е плански исклучена утрово по полноќ.
За ТЕ Осломеј во тек се и подготвителни активности за годишен ремонт. Овој капацитет се очекува да биде периодично активен во текот на јули, по што ќе влезе во планско одржување на техничко-технолошката опрема, со цел да биде подготвен за следната грејна сезона.
Од 1 јули, односно првпат за време на летниот период, во функција е и комбинираната електрана КОГЕЛ, лоцирана во кругот на Железарница. Таа испорачува електрична енергија во периоди од денот со најголема потрошувачка. Согласно планот за работа, овој капацитет ќе биде активен во текот на целото лето, а дел од произведената енергија ќе ја пласира на Берзата по пазарни цени.
И покрај сушниот период, хидроакумулациите на АД ЕСМ одржуваат значајни резерви на вода. Моменталната исполнетост е приближно 50% од вкупниот капацитет, што овозможува производство на околу 300.000 MWh електрична енергија од хидроелектраните. Согласно политиката на АД ЕСМ, целта е во наредниот период да се минимизира производството од хидропотенцијалите со цел да се зачуваат значајни резерви во пресрет на новата грејна сезона.
АД ЕСМ продолжува со целосна оптимизација на производниот процес со расположливите ресурси, со цел да обезбеди континуирана и стабилна испорака на електрична енергија.