Иновативни решенија базирани на природа ќе се применат во ХЕЦ Глобочица

АД ЕСМ, Подружница ХЕС „Црн Дрим“ , беше домаќин на значајна работна средба организирана во рамките на меѓународниот проект NATURE-DEMO. Овој проект, поддржан од Европската комисија и реализиран во тесна соработка со Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), е насочен кон развој и демонстрација на иновативни решенија базирани на природата за зголемување на отпорноста на критичната инфраструктура пред сериозните климатски предизвици.

Во време на сè поинтензивни природни хазарди, заштитата и одржувањето на ваквите системи бараат нов, интегриран пристап кој ги надминува традиционалните инженерски мерки и воведува одржливи механизми кои ги користат природните процеси како дел од заштитната стратегија.

Како систем од стратешко значење и јавен интерес кој е клучен за енергетската стабилност на државата, ХЕС „Црн Дрим“-Струга, поточно хидроелектраната ХЕЦ Глобочица, е целосно вклучена во демонстративните активности на овој проект. Токму на оваа локација, за прв пат во нашата држава, ќе се применат вакви напредни пристапи преку практична стабилизација на свлечиштата над браната Глобочица. Ова ќе се реализира со контролирано засадување на автохтони растенија, проследено со систематско следење и превенција на можни идни ризици, што претставува значаен исчекор кон современо и еколошки свесно управување со критичната инфраструктура.

Одржаната работилница послужи како платформа за презентација на тековните активности и за прецизна координација на претстојните чекори меѓу претставниците на ХЕС „Црн Дрим“, експертите од ИЗИИС, како и претставниците од локалните самоуправи на Струга и Охрид, јавните претпријатија и невладиниот сектор. За време на дискусиите беа разгледани предложените решенија и нивната директна примена на терен, но се дебатираше и за пошироката применливост на овој модел при решавање на различни типови предизвици со кои се соочуваат општините во регионот.

Преку ова партнерство, АД ЕСМ активно придонесува кон воведување на европски стандарди во заштитата на енергетските објекти, потврдувајќи дека грижата за отпорноста на системот е заедничка одговорност и основен предуслов за негово долгорочно унапредување и стабилност.